Извесно е дека сегашни буџетски прогнози за инфлација од 2,5 отсто се потонати. Економските аналитичари во најновата Анкета на НБРСМ ја зголемија прогнозата за ценовен притисок на ниво од 3,6 отсто, за разлика од очекувањата за инфлација од 3,2 отсто во претходната анкета, пишува Порталб. Дел од економистите велат дека поради неостварување на буџетските таргети ребалансот на Буџетот е неизбежен, но клучно прашање е од каде ќе се крати, а за што ќе се додава

Економистите со нови проценки – инфлација повисока од планираната, што ќе донесе ребалансот на Буџетот

Продолжените воени дејства на Блискиот Исток го зeмаа „данокот“, во првиот економски квартал, инфлацијата е повисока од проценките. Економските аналитичари упатуваат на ризикот од натамошен ценовен раст, особено во транспортот и производството.

Доколку конфликтот не се разреши во краток рок, постои ризик од прелевање на повисоките цени на нафтата врз транспортните и производствените трошоци. Повисоките трошоци за енергија и транспорт би се пренеле и врз цените на останатите производи и услуги, што би довело до посилни инфлациски притисоци, имајќи ја предвид увозната зависност на домашната економија– наведуваат аналитичарите во најновата Анкета на НБРСМ, објаснување дека дополнително сè уште се присутни ценовните ризици и поради војната во Украина.

Според економските аналитичари, годинава ќе заврши со инфлација од 3,6 отсто, ниво што е значајно повисоко од проектираните 2,5 отсто. Економистите велат дека сегашните буџетски прогнози се веќе пробиени.

Ребалансот на Буџетот за годинава е извесен. Владата ќе мора да оствори фисклаен простор за мерки, пред се за најсиромашните. Но ќе биде многу важно парите да се трошат на транспарентен начин, да не се остави простор за потенцијална корупција. За жал, очекувам повторно да се скрати на капиталните расходи, на јавните инвестиции – вели еден од поранешните министри за финансии Џевдет Хајредини.

Според Хајредни мерките мора да бидат „таргетирани“ кон најсиромашните граѓани и за пензионерите со пензија пониска од 30.000 денари.

Пари за конкретни мерки можат да се обезбедат преку прераспределба на буџетските средства, но мислам дека ќе мора да се посегне и по дополнително задолжување. Дефицитот, според мене годинава ќе биде повисок од 3,5 отсто колку што планираше Владата – вели Хајредини.

Владата веќе најави ребаланс на Буџетот. Таргетирани мерки за најранливите категории на граѓани засега нема, но се размислува како да се намалат цените на оние производи кај кои е утврдена двоцифрена инфлација.

Анализиравме четири ланци на маркети и цени на 55 производи и врз основа на таа споредба која ја направивме дојдовме до заклучок дека зголемувањето на цените е отприлика 0,4 отсто. Од оваа анализа имаме некакви индикатори за одредени производи коишто ги зголемиле своите цени за неколку проценти, односно за двоцифрен број проценти, да бидам попрецизен, тоа значи над 10 отсто – изјави премиерот.

Додека се тактизира со цените, економистите посочуваат дека најранливата категорија на граѓани се потешко живее .

Владата веќе го најави ребалансот, но што дотогаш? Ова се кризни времиња и потреби се итни мерки за најранливата категорија на граѓани. Од кои ставки ќе се обезбедат буџетски средства е клучно прашање. Вообичаено на удар се јавните инвестиции. Буџетот според мене не во добра финансиска кондиција но и покрај тоа, на премиерот во овој момент не му одговара политички да направи ребаланс на Буџетот – вели професорот Ванчо Узунов.

„Порталб“ повикувајќи се на статистички податоци веќе објави дека на годишно ниво, инфлацијата кај храната изнесува скоро 7 отсто, кај месото и живи животни 12,76 отсто, кај шеќерот, слатките 10,22 отсто додека  ценовниот раст кај млекото, млечните производи, јајцата во март во споредба со истиот месец лани изнесувал 8,12 отсто.