Aна Блажева: Нереално е во оваа ситуација да нема загриженост, страв и вознемиреност

Фото: Лична архива

Ситуацијата со корона вирусот ги принуди луѓето да го сменат начинот на живот, а воедно и со тоа да излезат од својата комфорна зона. Напливот од информации, лажните вести и дезинформации предизвикаа страв кај населението. Ана Блажева, психотерапевт од Здружението „Психотерапика“, вели дека во новонастанатата ситуација нереално е да се очекува дека нема да се појави страв и загриженост, вознемиреност, анксиозност и ред други состојби. Но, како што вели, клучно е да се ограничат изворите на информирање, што сепак е многу тешко бидејќи сме преплавени со информации кои доаѓаат од секаде.

Имајќи предвид дека луѓето ги следат вестите на социјалните мрежи каде што информациите се така понудени што е тешко да не се појави страв и паника, често се провлекуваат и лажни вести. Во тој случај, како да се намали вознемиреноста кај луѓето?

Ситуацијава претставува огромна промена и носи реална закана за здравјето, животот, но и во однос на прекинување на секојдневието – прекинати се сите вообичаени дневни рутини. Постојат реални ризици и притисоци на работа, во врска со работата, а со тоа и егзистенцијата на многумина. Намалувањето на вознемиреноста во вакви услови е навистина предизвик. Но, она што го имаме на располагање е дишењето, како прва телесна функција со која се регулираат и емоциите, потоа сите телесни вежби, фокусирањето на вниманието како и сите други системи на поддршка, останувањето во контакт со другите, со блиските. Да се воведат нови дневни рутини и активности што ги сакаме, што не смируваат и во кои можеме да уживаме.

Владата најави дека продавниците ќе продолжат да работат. Тогаш од каде потребата кај човекот да купува енормни количини храна, особено тоалетна хартија, кога симптомите на вирусот не вклучуваат дијареа?

Во ситуација каде што постојано се потенцира и инсистира на одржување на хигиена, стерилизирање и закана по здравје и живот, постои голема поддршка за сите опсесивни аспекти на нашето однесување. Една од реакциите на страв, во оваа насока може да биде потребата да се контролира ситуацијата. Во овој случај прекумерното купување има функција да ни даде чувство на некаква макар привремена сигурност, безбедност и контрола во одонос на нашето нас самите и најнепосредно окружување.

Како појавата на пандемија може психолошки да влијае на човекот бидејќи во тие услови секојдневието се менува, а исто така некои од задоволствата и се скратуваат?

Новонастанатата ситуација има толкави димензии што е преплавувачка и може да има трауматски ефекти врз голем број на луѓе. Ефектите од неа уште не можеме да ги предвидиме, но тие ќе се одразат на секој аспект на живеењето – емоционален,  социјален, здравствен, економски, политички итн. Во овој момент се наоѓаме уште во ситуација на шок, односно период во кој сме преплавени и не можеме јасно да ја согледаме и разбереме ситуацијата. Како и во секоја криза реагираме онака како што знаеме, но тие реакции се најчесто поттикнати од емоцијата што ја имаме на ситуацијата, страв, лутина, отпор. Сите емоции се нормална реакција на ситуацијата. Важно е да бидеме свесни за сопствените емоции, да имаме разбирање за нас, за да можеме да имаме разбирање и за другите. И да не ја изгубиме перспективата. Имаме капацитети и можности како да се поддржиме во оваа ситуација и да ја дозволиме и нашата креативност и солидарноста да бидат дел од воспоставувањето на нови значајни искуства и пракси.

Дали доколку некој бил подолго во карантин е поголема веројатноста тој или таа да има психолошка вознемиреност, вклучувајќи посттрауматско стресно нарушување и депресија?

Изолацијата за многумина може да претставува голем предизвик.  Како што спомнав и претходно треба да се дозволи процесот, да ги уважиме чувствата што ги имаме, потоа да бидеме трпеливи во адаптацијата на новата ситуација, на сите ни треба различно време за тоа. Да не се брзаме да носиме заклучоци и да посегнеме по сите видови на помош и поддршка што ни стојат на располагање. Вклучително и да размислиме како можеме да ја понудиме и на другите околу нас. Потребно ни е време, за да бидеме нежни со себе и другите за да ги дозволиме перспективите и да останеме отворени за нови можности.