АМС: Младите да се вклучат во креирањето на новата Национална стратегија за млади

Фото: Агенција за млади и спорт

Агенцијата за млади и спорт (АМС) на денешната прес-конференција најави дека ќе се креира нова Национална стратегија за млади преку која, како што беше посочено, ќе се дефинираат основните принципи и насоки за подобрување на квалитетот на живот на младите луѓе во државата во наредните пет години.

На конференцијата што беше организирана по повод започнување на неделата на млади, присутните претставници ги повикаа младите да земаат учество во новата стратегија што, како што беше кажано, треба да ги подобри јавните политики кои директно ги засегаат младите, особено во делот на вработувањето, образованието, здравствената и социјалната инклузија.

„Веќе изработивме методологија за креирање на Националната стратегија за млади, ги поставивме темелите и очекувам до крајот на годината да имаме првична верзија на стратегијата, која ќе биде проследена со Акциски план за 2023 година. При тоа, процесот е целосно инклузивен и транспарентен. Нашата цел е да се слушне гласот на младите, да се препознаат нивните заложби, да ги поттикнеме да бидат активни чинители во креирање на процеси кои се важни за нивната сегашност и иднина“, изјави директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски.

Од АМС информираа дека Националната стратегија за млади 2023 – 2027 ќе содржи седум главни тематски области и тоа: младинско учество, младинско информирање, младинска работа, образование, култура, здравје, претприемништо и безбедност (насилство).

„Документот ќе опфати и други области, со цел да ги одрази реалните потреби на младите луѓе. Процесот на креирање на Националната стратегија ќе биде отворен за учество на сите заинтересирани страни, со целосно почитување на принципите на еднаквост, недискриминација и инклузивност“, велат од АМС.

Иницијативата ја поздрави и заменик шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Џеф Голдстајн кој ја потенцираше важноста на младинското учество во подготовката на новата национална стратегија.

„Никој не ги разбира проблемите и предизвиците со кои се соочуваат младите луѓе во државата подобро од вас. Ние треба да ве слушаме вас, а вие со вашите креативни идеи треба да бидете значаен дел од решенијата на овие проблеми и предизвици“, порача тој.

Во рамки на одбележувањето на 12 август – Меѓународниот ден на младите, АМС ќе организира меѓународна младинска конференција „Младите во Отворен Балкан – шанси и сигурни перспективи за сигурен напредок во регионот“ и доделување на награда за младинско учество.

Носител на активностите за подготовка на стратегијата е Агенцијата за млади и спорт, а процесот ќе се одвива со поддршка на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Фондот за население на ОН (УНФПА).