Есенскиот мега-хит „Меѓу нас“ (Among Us) продолжува да доминира во интернет просторот, како во светот, така и кај нас. Популарната игра која излезе пред повеќе од две години, не се симнува од листата на најбарани апликации на виртуелните продавници на „Гугл“ (Google) и „Епл“ (Apple) во последните месеци од 2020 година. Играта има повеќе од 100 милиони симнувања само во септември и октомври.
Сè повеќе млади фанови на онлајн инфлуенсерите, поттикнати од нивните идоли, започнуваат да играат „Меѓу нас“. Во многу објави на сите социјални мрежи се споделуваат забавни содржини инспирирани и поврзани со најпопуларниот проект на американското студио за игри „Инерслот“ (InnerSloth).
Впечатокот секаде е ист – штом еднаш ја започнеш играта, се навлекуваш на истата. Вселенскиот брод каде што се одвива дејствието на „Меѓу нас“ се чини стана најпосетената виртуелна локација каде што младите „се собираат“ да се дружат додека се заглавени дома поради здравствената состојба во државата.
Играта може да се игра со друштво или онлајн со случајни играчи од целиот свет. Among Us се разликува од останатите видео-игри како Fortnite или PUBG и повеќе наликува на друштвената игра „Мафија“, при што секој играч треба да ги прочита и открие карактерите на соиграчите и да одлучи дали ќе им верува со цел да победи. Така, во улогите на „измамник“ или „член на екипажот“ многу лесно се пронајдоа играчи од различни генерации.
Во магичниот круг на “Меѓу нас“ се фатија и најпознатите и омилени македонски ликови од социјалните мрежи.
Христина Цветкоска, која на Јутјуб, Инстаграм и ТикТок е позната како „Кике Цветче“ го сподели своето искуство со една од најпопуларните игри во светот периодов.
Играта стана достапна уште во 2018 година, но својата популарност ја доживува две години подоцна- името Among Us периодов може да се сретне на сите социјални мрежи, речиси да нема некој што не слушнал за истата. На што, според тебе, се должи ова и што е она што ги прави играчите „зависни“ од Among Us?
– Па мислам дека тоа се должи на фактот што концептот на играта е доста едноставен и условно кажано играта е лесна. Тука под „лесна“ мислам дека не е потребен којзнае каков компјутер или друга опрема, баш напротив, може да се игра дури и на телефон. Исто така не се потребни гејмерски вештини за победа, туку снаодливост и убедливост, што автоматски ја прави играта подостапна за сите, и гејмери и негејмери. Тоа што играта дозволува максимум 10 играчи да се соберат и да играат заедно, ги прави луѓето да се заразат со неа, бидејќи секој може да го собере друштвото и да изиграат неколку партии Among Us, земајќи во предвид дека партиите се претежно кратки, во споредба со други игри.
Какво е твоето искуство со играта?
– За играта дознав од моите другарчиња гејмери, ама уште од старт ми велеа дека не е за мене, зашто треба многу вешто да се лаже, а мене не ме бива во тоа. И во право беа до некаде, стварно не ме бива за лажење. За жал не успевам да ја играм толку често колку што сакам, а тоа ме спречува и да се подобрам (не мислам само на подобрување во лажењето, туку и во откривање нови работи за играта).
За кого е, а за кого не е наменета?
– Јас мислам дека играта е наменета за секого и сметам дека секој треба барем еднаш да проба да ја игра, така или ќе се зарази или ќе открие дека можеби не му е баш по ќеиф. Ама сепак мој совет е да ја играат со друштво, т.е. со луѓе кои ги познаваат, тоа ја прави играта десеткратно позабавна. Многу е полесно да познаеш дека некој лаже ако ја знаеш таа личност, или можеби можеш и знаеш како да ја фатиш во лага.
Impostor (Измамник) или Crewmate (Член на екипаж)? Што е полесно, што поинтересно?
– Ако бирам за себе, дефинитивно Impostor е премногу тензично за мене. Претпоставувам дека на многумина им е позабавно, па можеби и полесно да се измамници, зошто така најмногу може да се „покажат“ во играта, ама јас бирам Crewmate зошто така ми е мирна душичката и знам дека сè што кажувам е вистина и не можам да се заплеткам во некоја лага.
Кој ти е омилен дел од играта?
– Дискусиите се хаотични, а тоа е тоа што ги прави најинтересни, дефинитивно. Тука се одвива цел процес на објаснување, лажење и оправдување, буквално сè зависи од тоа колку добро ќе се одбраниш себеси, бидејќи и да не си Impostor, ако не знаеш да објасниш или да се извадиш од некоја ситуација, можеш да им станеш сомнителен на другите и да те исфрлат од игра.
Освен јутјуберите и ТикТок и Инстаграм инфлуенсери, играта стана популарна и помеѓу политичарите во САД. Како мислиш дека нашите политичари ќе се снајдат во играта?
– Леле ова е предобро! Мислам дека играва е совршена за нашите политичари. Само што може да настане општ хаос, зашто таму сите ќе лажат, и crewmates и impostors, па нема да се знае кој е кој.