Уставниот амандман со кој се забрануваат истополовите бракови ќе ја зацврсти дискриминацијата во Македонија, оцени денеска меѓународната организација за човекови права „Амнести интернешнел“.

Во соопштението се наведува дека Владата со предложениот уставен амандман, кој го дефинира бракот како заедница меѓу маж и жена и ги „афирмира, промовира и заштитува“ традиционалните вредности, всушност, ги забранува истополовите бракови и ги дискриминира исполовите двојки.

– Ваквите уставни измени се уште едно зацврстување на дискриминацијата, насилството и на нетолерантноста темелена на сексуалната ориентација и на половиот идентитет во Македонија – вели Гаури ван Гулик, заменик-директор на „Амнести интернешнел“ за Европа.

Организацијата наведува дека забраната на истополовите бракови не е вметната во амандманот, но дека во согласност со македонското законодавство, истополовото партнерство не може да се регистрира во Македонија.

– Македонија плива спротивно на европскиот бран на легализација на истополовите бракови и на сè поголемото прифаќање на европските норми за човекови права во поглед на еднаквоста – вели Ван Гулик.

„Амнести интенешнел“ ја повика Македонија да ги отстрани дискриминаторските закони и да им ги гарантира човековите права на лицата што живеат во исполови партнерства.