Американските берзи забележаа драматичен раст во средата, откако претседателот на САД Доналд Трамп објави 90-дневна пауза на дел од „реципрочните“ царини. Индексот Дау Џоунс скокна за 2.377 поени (6,2 отсто), што е најголем дневен раст од 2020 година наваму, објавија медиумите во САД. Стандард и Пурс 500, пак, забележа раст од 7,3 отсто, додека вредноста на индексот Насдак скокна за 9,2 отсто.

На својата платформа Truth Social, Трамп најави намалување на реципрочната царина на 10 отсто за сите земји освен Кина, која ќе биде зголемена на 125 отсто. Министерот за финансии на САД, Скот Бесент, потврди дека новата стапка не се однесува на секторските царини.

Водечките технолошки компании го предводеа растот – вредноста на акцијата на Епл се зголеми за над 11 отсто, на Енвидија за 13 отсто, а на Тесла за дури 19 отсто. Вредноста на акциите на Волмарт се зголемија за 9,7 отсто.

„Пазарот беше под силен притисок и паузата предизвика значаен отскок. Но, царините не исчезнуваат – само се одложуваат“, изјави аналитичарот Адам Крисафули.

Биткоинот исто така реагираше позитивно на веста, и неговата вредност се зголеми за над 8 отсто по што достигна цена од 82.522 долари. Акциите на крипто-компаниите како Коинбејс и МикроСтратеџи пораснаа за речиси 20 отсто.

И покрај оптимизмот, аналитичарите предупредуваат дека неизвесноста останува. „Ова може да биде краткорочен одмор за пазарите, но не значи дека кризата е завршена,“ вели Сам Стовал од ЦФРА Рисрч.