By World Economic Forum on Flickr - Sali Berisha - World Economic Forum Turkey 2008Copyright World Economic Forum (www.weforum.org) / Serkan Eldeleklioglu-Bora Omerogullari-Ozan Atasoy, CC BY-SA 2.0, https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=5117612

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска јавно преку Твитер објави дека на поранешниот албански премиер и претседател Сали Бериша му е забранет влез во САД. Блинкен како причина за прогласување на персона нон-грата на Бериша ги наведува коруптивните постапки во минатото и поткопувањето на демократијата во Албанија.

„Коруптивните постапки на поранешниот претседател на Албанија Сали Бериша ја поткопаа демократијата во Албанија. Јавно ги прогласувам Сали Бериша и членовите на неговото потесно семејство како неподобни за влез во САД“, напиша државниот секретар на САД на Твитер.

Во службената изјава објавена на веб-страницата на Стејт Департментот, се наведува дека Бериша како премиер на Албанија бил вклучен во коруптивни дела, како што се злоупотреба на јавни средства и мешање во јавни процеси, вклучително и користење на неговата моќ за своја корист и за богатење на неговите политички сојузници и членовите на неговото семејство, на сметка на довербата на албанската јавност во владините институции и јавните службеници.