Американските производители на автомобили изразија загриженост дека договорот на претседателот Доналд Трамп со Јапонија за воведување царина од 15 отсто на јапонските возила ќе ги стави во конкурентска неповолност, посочувајќи дека тие ќе се соочат со значително повисоки увозни давачки за челик, алуминиум и автомобилски делови отколку нивната конкуренција, објави Асошиејтед прес.
„Треба да ги разгледаме сите детали од договорот, но ова е договор што ќе овозможи пониски царини за јапонски автомобили што немаат никакви американски делови“, изјави Мет Блант, претседател на Советот за автомобилска политика на САД, кој ги претставува трите најголеми американски автомобилски компании, Џенерал Моторс, Форд и Стелантис, производителот на Џип.
Во изјавата Блант додаде дека американските компании и работници „дефинитивно се во неповолна положба“ бидејќи се соочуваат со царина од 50 отсто на челик и алуминиум и 25 отсто на делови и готови возила, со некои исклучоци за производи што се покриени со Договорот САД-Мексико-Канада, кој стапи на сила во 2020 година.
Реакцијата на домашната автомобилска индустрија открива колку е тешко да се спроведуваат политики во глобалната економија, покажувајќи дека и покрај ветувањата на Трамп, некои политички одлуки може да предизвикаат вистински негативни последици во политички важни држави како Мичиген и Висконсин, каде производството на автомобили е извор и на приход и на идентитет.
Синдикатот Обединети автомобилски работници (УАВ) изрази „длабока огорченост“ поради договорот. „Подобар договор би ги обврзал јапонските производители на автомобили на истите стандарди за кои американските работници се бореа во Џенерал Моторс, Форд и Стелантис“, соопштија од УАВ.
