Американскиот финансиски регулатор поднесе тужба против Илон Маск за наводно непријавување на неговата сопственост на акции во Твитер и за подоцнежно купување акции на компанијата по „вештачки ниски цени“, со што ги оштетил другите акционери, пренесува Гардијан.
Комисијата за хартии од вредност (СЕК) поднесе тужба против Маск во федералниот суд во Вашингтон, Д.C., за наводни прекршувања на прописите за хартии од вредност. Според тужбата, Маск не објавил дека стекнал 5% удел во компанијата навремено, што му овозможило „да заштеди најмалку 150 милиони долари при купувањето акции кои ги купил откако требало да го достави извештајот за финансиска сопственост“.
Маск го купи Твитер во 2022 година за 44 милијарди долари и подоцна го преименуваше во „Икс“ (X). Пред купувањето, Маск го купил уделот од 5% во компанијата, што обично бара јавно објавување. СЕК тврди дека Маск го објавил својот удел во Твитер 11 дена по истекот на рокот за доставување на извештајот.
Алекс Спиро, адвокато на Маск, во изјава испратена преку мејл, изјави дека случајот на SEC претставува „признание“ дека агенцијата нема основа за тужбата. Спиро додаде дека Маск „не направил ништо погрешно и сите ја гледаат оваа фарса онаква каква што е“.
Ова не е првпат СЕК да го истражува купувањето на Твитер од страна на Маск. Агенцијата започна истрага против Маск и неговиот брат, Кимбал Маск, во 2021 година за наводна измама со хартии од вредност и прекршување на правилата за инсајдерска трговија, откако тие продадоа десетици илјади акции во Тесла. Маск е извршен директор на Тесла, а неговиот брат е член на одборот на директори.
Адвокатот изјави дека тужбата на СЕК е резултат на наводен административен пропуст да се „пополнат еден формулар“. Тој додаде дека „повеќегодишната кампања за вознемирување од страна на СЕК против Маск кулминираше со поднесување на незначителна тужба против него“.
Во изминатите неколку месеци, Маск изгради блиска врска со Доналд Трамп. Маск донираше милиони за неговата кампања за реизбор и учествуваше во кампањи со него. Трамп подоцна го именуваше Маск за раководител на советодавна група, за која Трамп тврди дека ќе ја формира, наречена „Оддел за ефикасност на владата“, со цел да ја надгледува владината регулација и трошење.
Во својата тужба, SEC тврди дека пред доцнењето на Маск со објавувањето за сопственоста во Твитер, тој наводно потрошил повеќе од 500 милиони долари за купување дополнителни акции во компанијата, при што успеал да ги купи акциите од „неинформираната јавност по вештачки ниски цени“.