Експертизите на доставените сомнителни книжни и ковани пари во текот на минатата година откриле фалсификувани денари, американски долари и евра, покажува најновиот извештај на Народната банка. Од вкупно 1.031 направена анализа на странски валути се утврдени 919 фалсификувани пари и 112 оригинални пари.

Во вкупниот број фалсификувани книжни девизи, најзастапени се американските долари (731 парче) и еврата (149 парчиња). Забележително е дека во земјава има и фалсификувани ковани пари во странска валута.

„Исто како и претходната година, бројот на регистрирани фалсификувани ковани пари е незначителен и се сведува на вкупна количина од 4 парчиња во апоен од 2 евра. Општата оценка е дека фалсификуваните книжни и ковани пари имаат релативно лош квалитет на изработка, што овозможува едноставно и лесно откривање и утврдување на нивните карактеристики“, се вели во извештајот на Народната банка.

Од вкупно доставените 358 сомнителни книжни пари деноминирани во денари, при стручната експертиза е утврденo дека 128 примероци се оригинални, додека останатите 230 примероци се фалсификувани пари.

„Бројот на утврдени фалсификувани книжни пари откриени во текот на 2018 година е помал за 43 отсто во однос на 2017 година. Во вкупниот број откриени фалсификувани книжни пари во 2018 година, најзастапен е апоенот од 500 денари (136 парчиња), потоа следат апоенот од 1.000 денари (44 парчиња) и апоенот од 100 денари (35 парчиња). Вкупната вредност на фалсификуваните денари во 2018 година изнесува 134.210 денари и има незначително учество во однос на вкупната вредност на парите во оптек“, велат од Народната банка.

Оттаму објаснуваат дека најголемо учество во бројот на фалсификуваните книжни пари има апоенот од 500 денари, што исклучиво се должи на фактот што сѐ уште се доставуваат примероци коишто беа организирано пуштани во оптек во изминатите години.

При експертизата на техниката на изработка на фалсификуваните книжни пари, утврдено е дека тие се изработени главно на обична хартија, без доволно заштитни елементи, со користење компјутерска техника (скенирање и печатење) или пак со користење фотокопир во боја.