Повеќе од 50 безбедносни аналитичари кои работат за Централната воена команда на Соединетите Американски Држави (САД) се пожалиле дека нивните извештаи за Исламска држава и за разгранокот на Ал каеда во Сирија биле несоодветно менувани од високи функционери на службите заради политички цели, објавува американскиот новински портал „Дејли бист“.

Двајца аналитичари во „Сентком“, кои ја потпишале жалбата што во јули била испратена до генералниот инспектор на Министерството за одбрана на САД, обвинуваат дека извештаите, од кои дел биле доставувани до претседателот Барак Обама, војната со терористичките групи ја прикажувале во поблаго светло од тоа што било процена на аналитичарите.

Извештатите, наводно, биле менувани од високи службеници во „Сентком“ за да одговараат на наративот што администрацијата ѝ го сервира на јавноста, односно дека САД ја добиваат војната со ИД, Ал нусра и со сирискиот разгранок на Ал каеда.

Поплаките, како што пишува порталот, биле причина и генералниот инспектор на Пентагон да иницира истрага за наводна манипулација со разузнавачките извештаи.

Фактот што поплаките доаѓаат од толку многу луѓе, наведува на заклучок дека станува збор за вкоренет, системски проблем за тоа како американската воена команда, задолжена за војната со ИД, ги оценува разузнавачките податоци, пишува „Дејли бист“, повикувајќи се на информации од разузнавачите.