Властите на Соединетите Американски Држави (САД) сè повеќе се убедени и веруваат дека милитантите на Исламска држава (ИД) прават и користат хемиско оружје во Ирак и во Сирија, изјавил за „Би-Би-Си“ функционер на САД.
Според информациите, САД идентификувале најмалку четири случаи, на двете страни на ирачко-сириската граница, каде милитанти на ИД користеле иперит (sulfur mustard gas), во форма на прашок.
Како што пренесува британскиот национален сервис, САД веруваат дека исламистичката група поседува постројка за производство на хемиското оружје.
„Тие користата иперит, знаеме дека користат. Ги имаме забележано како го користат во четири одвоени случаи од двете страни на границата меѓу Сирија и Ирак“, изјавил неименуваниот функционер на САД.
Поранешниот ирачки лидер, Садам Хусеин, исто така користеше иперит против Курдите и за време на војната со Иран.
Иперитот, на кој луѓето можат да бидат изложени преку контакт со кожата, очите или преку респираторниот систем, во зависност во каква форма се користи, предизвикува појава на меури на кожата и мукозни мембрани.
Иако изложеноста на сенф-гасот, како што уште се нарекува иперитот, не е фатална, за него не постои медицински третман или противотров, поради што при контакт агенсот мора целосно да се отстрани од телото.