Глобалната Конференција за климатските промени на ОН (КОП 26) што се одржува во Глазгов, Обединетото Кралство, досега донесе заветувања на огромен број промени за ублажување или неутрализирање на климатските промени. Сепак, заветувањата на глобалниот настан на Обединетите Нации нема да бидат задолжителни, а различните групации на „зелените“ организации и групи велат дека и предлозите не се доволни за да се спречи менувањето на климата, пишува Би-Би-Си.
Уништувањето на шумите еден од главните непријатели на климата
Повеќе од 100 светски лидери се заветуваа да се справат со дефорестацијата, односно уништувањето на шумските површини, што многу влијае на менувањето на климата, бидејќи дрвјата апсорбираат големи количества јаглерод двооксид.
Договорот што се потпиша вчера предвидува вкупен буџет за оваа цел од 19,2 милијарди американски долари, кои ќе дојдат од јавните буџети и од приватно финансирање.
Меѓу земјите-потписнички е и Бразил, каде голем дел од Амазонската прашума е уништен за да се создадат површини за земјоделско и сточарско производство. Индонезија е и уште потписник, каде што шумите се уништуваат за да се формираат палмини плантажи за производство на масло.
За метанот предвидено намалување за 30 отсто во однос од сега
Исто така, десетици земји се заветуваат да се намали количеството испуштен метан во атмосферата за најмалку 30 отсто до 2030 година во однос на состојбата од минатата година. Метанот е одговорен за една третина од моменталното глобално затоплување предизвикано од човечките активности. Но Кина, Русија и Индија не се придружија на овие заложби на иницијативата покрената од Обединетото Кралство и САД. Метанот се испушта во атмосферата при експлоатацијата на нафтените извори и преработката на нафтата, но и од сточарското производство, како и при распаѓање на органски материи во депонии.
Тука е и иницијативата „нето нула“ (net zero) за успорување на глобалното затоплување, која подразбира дека целиот свет би постигнал состојба на недодавање нови количества стакленички гасови во атмосферата – дали преку намалување на количеството испуштени гасови или преку балансирање на оние количества што се во атмосферата преку отстранување на соодветни количества.
Стакленичките гасови, како јаглерод диоксидот, се испуштаат во атмосферата при согорување нафта, гас или јаглен за нашите домови, индустријата или транспортот, и кога ќе се најдат во атмосферата, заробуваат голем дел од топлината стасана од Сонцето.
Најголемите загадувачи не ја прифаќаат целта на мнозинството
Но, иако 132 земји јавно се заветуваа да достигнат „нето нула“ состојба пред 2050 година, Кина, која моментално е најголемиот испуштач на јаглерод диоксид на планетата, вели дека ќе постигне „јаглеродна неутралност“ до 2060 година. Сепак, не кажува што тоа точно значи и како планира да го постигне.
Русија се обврза на „нето нула“ до 2060 година. Оваа земја е еден од најголемите производители на нафта и четвртиот најголем испуштач на стакленички гасови.
Индија, четвртиот најголем испуштач на јаглерод диоксид (CO2) – по Кина, САД и ЕУ – се заветува да ги намали испуштањата на нула до 2070 година.
Некои од најгусто населените земји – меѓу нив и Индонезија – воопшто не се заветуваа за „нето нула“.
Покрај спречувањето на уништувањето на шумските површини, една од мерките за намалување на предизвикувачите на глобалното затоплување е и садењето на нови површини со дрвја, но експертите се скептични, сметајќи дека ќе нема доволно површини за да се насадат онолку дрвја колку што е потребно.