Амбасадорот на Обединетото Кралство за почетокот на реализацијата на Меѓународната стратегија за жените и девојките 2023-2030 

Пишува: Амбасадорот на Обединетото Кралство во Северна Македонија, Метју Лосон

Фотографија од настан на македонската Чивнинг Алумни Асоцијација | Фото: Британска амбасада Скопје

Понекогаш се чини дека борбата за родова еднаквост станува сѐ потешка и потешка. Жените во Иран се малтретирани поради начинот на којшто се облекуваат, девојките во Авганистан се спречени да одат на училиште, а од боиштата во Украина доаѓаат и приказни за грозоморно сексуално насилство.

Пишува: Амбасадорот на Обединетото Кралство во Северна Македонија, Метју Лосон | Фото: Британска амбасада Скопје

Обединетото Кралство (ОК) ги става жените и девојките во срцето на сѐ што правиме. Унапредувањето на родовата еднаквост, спречувањето на родово базираното насилство, промовирањето на правата и слободите на жените не се само вистинските работи што треба да се направат тоа е политика од која сите имаат придобивки.

Во Северна Македонија работиме заедно со УНФПА за да воспоставиме систем за спречување и заштита од родово базираното насилство во согласност со новиот закон и со Истанбулската конвенција. Проектот го поддржува спроведувањето на новото законодавство преку дизајнирање подзаконски акти, работи на зголемување на капацитетите на сите даватели на услуги, вклучувајќи ги и организациите на граѓанското општество и спротивставувањето на штетните норми во општеството преку кампањи и работа со сторителите.

Оваа седмица заедно со министерката за труд и социјална политика, градоначалникот на Струмица и партнерите на УНФПА, го посетив Скај плус шелтер центарот (Sky Plus Shelter), наменет за жени-жртви на домашно насилство, за да видам на самото место како функционира моделот за соработка меѓу различни чинители во корист на жртвите и на преживеаните. Зајакнувањето на капацитетите на давателите на услуги од сите сектори за жртвите и преживеаните, во партнерство со сите клучни чинители е од најголема важност и задоволни сме што можевме да придонесеме. Оваа работа е битна и покажува како локалната самоуправа, деловниот сектор и верските водачи на заедницата можат да работат во партнерство за да помогнат во решавањето на овој проблем.

Фотографија од посетата на „Скај плус“ шелтер центарот во Струмица | фото: Британска амбасада Скопје

Исто така, работиме со Националниот младински совет на Македонија и со Стела мрежата за да овозможиме еднакви можности за девојките и младите жени во Северна Македонија. Преку кампања за подигнување на јавната свест, менторирање, кариерно советување, создавање нови работни можности за младите жени, проектот што го поддржуваме ќе го зголеми разбирањето на родовите концепти, ќе им даде поголема моќ на жените и девојките за тие да се стремат за еднаков општествен статус и вклученост во општеството.

Работејќи заедно со македонската Чивнинг Алумни Асоцијација (Chevening Alumni Association), поддржавме родови експерти од Чивенинг Алумни Асоцијацијата од Западен Балкан да формираат мрежа на експерти за родова еднаквост заради споделување на експертизата и знаењето од областа на родовите политики.

Исто така поддржавме жени од Северна Македонија да учествуваат на „Конференција за жени на лидерска позиција“ (Women into Leadership Conference) што се одржа во Бирмингем, Обединетото Кралство, за натамошен развој на жени-лидерки на Западен Балкан. Сега сме повторно домаќини на жени од регионот на втората Конференција што се одржува во Обединетото Кралство.

За да го одбележи Меѓународниот ден на жената, Владата на ОК најави нова стратегија – „Меѓународна стратегија за жените и девојките 2023-2030“, која се фокусира на справувањето со родовата нееднаквост низ светот и на спротивставувањето на какво било уназадување на правата и слободите на жените.

Објавувајќи ја стратегијата во Сиера Леоне, при посетата на некои наши програми за жените и девојките, министерот за надворешни работи на ОК, Џејмс Клеверли, рече дека родовата еднаквост е „основниот темел на сите здрави демократии“.  

Како дел од овој нов план, британското Министерство за надворешни работи, комонвелт и за развој се завети дека најдоцна до 2030 година, барем 80% од нејзините билатерални програми за помош ќе вклучуваат фокусираност на родовата еднаквост.   

Ќе работиме уште поинтензивно со групите за правата на жената. Овие организации се најблиски до работата на терен и знаат што најмногу треба за да се осигури одржлива промена. Честопати тие добиваат многу малку фондови, во 2021–22, само 1,25% од Официјалната развојна помош на ОК наменета за родова еднаквост отиде кај организации и движења за женските права. Тоа го менуваме – со новата глобална програма. 

Фотографија од настан на македонската Чивнинг Алумни Асоцијација | Фото: Британска амбасада Скопје

Тукушто најавивме нова програма за репродуктивното здравје, што ќе допре до 10,4 милиони жени во супсахарска Африка, каде што стапките на наталитет, детски бракови и смртност на родилки се највисоки во светот.

Нашата стратегија е концентрирана на три “О“:

  • Образување на девојките и борба за правото на 12-годишно квалитетно образование за сите девојки, 
  • Оснажување на жените и девојките и борба за нивните здравје и права, независно од тоа дали преку пристап до адекватно сексуално и репродуктивно здравје, граѓанско и политичко учество, мир и безбедност на жената или преку економско зајакнување, 
  • Окончување на родово базираното насилство, како што се сексуалното насилство што произлегува од судири, рани или присилни бракови, современо ропство, трговија со луѓе, онлајн насилство и осакатување на женските гениталии. 

Нашата стратегија ќе биде насочена кон обезбедување инвестиции за клучните фази за жените и девојките, за да се гарантира најголемо доживотно и меѓугенерациско влијание 

Стратегијата ќе мобилизира поддршка за жени кои преживеале криза како што се војните и природните катастрофи, и ќе ги зајакне политичките, економските и општествените системи коишто имаат критична улога во заштитата и зајакнувањето на жените и девојките. 

Добро сме позиционирани за насочување на напорите во борбата за родова еднаквост. Од 2015 година наваму помогнавме во образованието на повеќе од 8 милиони девојки; од 2013 година наваму помогнавме во издејствувањето ветувања од повеќе од 27 милиони луѓе за напуштање на практиката на осакатување на женските гениталии, а од 2018 година им помогнавме на 25 милиони жени и девојки да добијат пристап до совети за семејно планирање. 

Знаеме дека ова нема да биде лесно и дека не можеме да го направиме самите. Ве повикуваме да ни се придружите во заштитата на правата и слободите на жените и девојките низ светот, за тие да можат да го достигнат сиот свој потенцијал.