Извор: Општина Гостивар

Британската амбасадорка Рејчел Галовеј денеска оствари посета на Општина Гостивар, каде што се сретна со градоначалникот Арбен Таравари и со општинските советници, информираат општинските власти.

Проблемите со кои се соочува општина Гостивар, досегашните инвестиции, проектите што се очекува да се реализираат во иднина, справувањето со пандемијата Ковид-19 беа теми на денешната средба.

Градоначалникот Таравари ѝ се заблагодари на амбасадорката за нејзината посета и подвлече дека во Гостивар има многу проекти кои го носат печатот на британската амбасада, посакувајќи во иднина соработката да продолжи со истата динамика.

„Разговаравме за многу теми и пред сè разговаравме за искрената поддршка од наши пријатели како што е Обединетото Кралство која е многу важна за нас како општина и за нашата земја воопшто. Разговаравме и за евро-атлантскиот развој на нашата земја и истакнавме дека мора да бидеме силно фокусирани на создавање на европски вредности и развој на економијата, што носи придобивки за граѓаните. Ковид 19 и
справувањето со него низ целиот свет беше исто така тема на разговор. Обединетото Кралство била природно упориште на демократијата, посакувам нашата земја еден ден да ги следи стапките на оваа пријателска земја“, истакна градоначалникот Таравари на заедничката прес-конференција по средбата.

Од друга страна, британската амбасадорка Рејчел Галовеј истакна дека одблизу се запозна со тешкотиите што доаѓаат од пандемијата, особено за младите, изразувајќи задоволство од соработката со сите јавни институции во Гостивар, вклучително и со невладините организации.

„Утрово имавме интересен разговор за тоа како општината реагира на кризата со коронавирусот и како државата реагира на оваа состојба. Разговаравме за тоа што општината прави за да ги поддржи луѓето, особено младите од градот кои се најпогодени од пандемијата. Ние сме многу задоволни што работиме со вас и невладините здруженија во Гостивар кои ги поддржуваат младите и одблизу слушаме за работата што општина Гостивар ја прави за младите каде што се формирани младински центри, спортски центри и слично”, истакна амбасадорката Галовеј.

Инаку, по средбата со градоначалникот Таравари, британската амбасадорка, во салата на општинскиот совет во Гостивар, оствари средба со неколку општински советници кои доаѓаат од различни политички субјекти, каде разговараа за различни теми со кои се соочуваат овдешните граѓани.