Лидерот на ДУИ не сакал да им даде изјава на новинарите по двочасовната средба со амбасадорите на САД, ЕУ, Франција, Велика Британија и на Италија, објави „Нова ТВ“. Новинарите го прашувале Ахмети дали ќе понесе одговорност за настанот во Куманово, но неговиот портпарол рекол дека изјава ќе дадат амбасадорите.
Во заедничката изјава, амбасадорите посочија дека и ДУИ носи одговорност и треба да осигураат транспарентна истрага за злоупотребите.
– Ја поздравуваме конструктивната улога на ДУИ за време на викендов, вклучително и во Советот на безбедност. Ја повикуваме партијата да продолжи да работи со сите страни и институции, како дел од владејачката коалиција, ДУИ е одговорна за спроведување на демократските вредности и принципи. Партијата има обврска да помогне да се изградат државните институции и да осигури транспарентна истрага за откриените злоупотреби на кредибилен начин. Се надеваме дека ДУИ ќе го искористи влијанието за доброто и за иднината на сите македонски граѓани – изјави по средбата во име на сите амбасадори, амбасадорот на Италија во Македонија – Масимо Белели.
Амбасадорите во ист состав попладнево, во 16.30 часот, треба да се сретнат со Зоран Заев, лидерот на СДСМ.