Љупчо Николовски фото: Влада на РСМ
Љупчо Николовски | фото: Влада на РСМ

На тема-имплементацијата на усвоенот оперативен План за борба против корупција, на работен состанок денеска разговараа вицепремиерот за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, амбасадорот на  ЕУ, Дејвид Гир и амбасадорите на земјите членки на ЕУ, кои понудија поддршка во спроведувањето на реформите во согласност со стандардите на ЕУ.

„Во функција е новиот Национален регистар на вистински сопственици. Оваа алатка обезбедува точни и ажурни податоци за сопствениците на фирмите, односно точно да се знае кој стои зад некоја фирма, што е важно за спречување на одлив на незаконски стекнати пари. Од воведувањето на Регистарот, досега се впишани над 5.000 правни субјекти, бројката се очекува да биде поголема по доставувањето на годишните сметки, за што поради ковид пандемијата се продолжи рокот. Го зајакнавме и контролниот механизам, инспекциските служби и со законски измени ги зголемивме надлежностите“, посочи Николовски.

Тој ги образложени сите 18 мерки содржани во оперативниот План за борба против корупцијата и рече дека Владата и граѓаните се на истата страна, а за дел од активностите потребна е и поддршка од амбасадорите. „Законот мора да важи за сите, дека секој што го прекршил ќе мора да сноси одговорност за своите постапки и ќе ја вратиме довербата на граѓаните во институциите“, порача тој.

Во насока на подигање на свеста на граѓаните и администрација за препознавање и спречување на корупција, беше кажано дека со Планот е предвидено секоја институција да назначи и јавно да објави овластено лице за прием на пријави доставени заради заштитено внатрешно пријавување за постоење на евентуална корупција и институциите да донесат годишна Антикорупциска Програма. Се предвидува и намалување на членовите на управните одбори и точно прецизирање на критериумите за избор. Во однос на изменување на прописите од областа на адмнистративните службеници и вработените во јавниот сектор, во подготовка е имплементацијата на препораките за измена и ревизија на Етичкиот кодекс за административни службеници. Во делот на јавните набавки, Николовски потенцираше дека се предвидени соодветни механизми кои ќе обезбедат подобро планирање, квалитетни договори, како и економичност во трошењето на државните финансиски средства при склучувањето на јавните набавки.