Јавно писмо е објавено денеска, потпишано од 209 поранешни амбасадори на ЕУ, висок дипломатски персонал и амбасадори од земјите-членки на ЕУ, во кое се бара итна акција во врска со војната на Израел во Газа и незаконските дејствија на Западниот Брег.

„Доколку ЕУ не дејствува колективно, земјите-членки мора да преземат чекори поединечно или во помали групи за да ги поддржат човековите права и да го почитуваат меѓународното право“, се вели во писмото, во кое се наведени девет можни пристапи, пренесува Гардијан.

Тие вклучуваат суспендирање на лиценци за извоз на оружје, забрана за трговија со стоки и услуги со нелегални населби и забрана за европските центри за податоци да примаат, складираат или обработуваат податоци од израелска влада или комерцијални извори ако тоа се однесува на присуството и активностите на Израел во Газа и на други места на окупираните територии.

Потписниците вклучуваат 110 поранешни амбасадори, 25 поранешни генерални директори и двајца од највисоките дипломати во ЕУ – Ален Ле Роја, поранешен генерален секретар на Европската служба за надворешни работи и Карло Тројан, поранешен генерален секретар на Европската комисија.

Ова писмо беше трет јавен повик за акција и прв повик до нациите да дејствуваат поединечно доколку ЕУ не преземе колективна акција. Предлогот за делумно суспендирање на Израел од истражувачкиот фонд Хоризонт поради Газа не успеа кон крајот на јули.

„Постои разочарување во институциите, луѓето велат дека е доста. Не можеме да останеме парализирани ако 27-те земјите-членки не можат да преземат акција, тоа ги предава нашите вредности. Затоа предложивме девет акции што можат да се преземат на државно ниво или од групи држави. Европските влади го губат кредибилитетот не само на глобалниот југ, туку и кај нашите граѓани, во секоја земја-членка“, рече Кин фон Бургсдорф, поранешен претставник на ЕУ на палестинската територија.

Тој се повика на анкети од неговата родна Германија, традиционално силен поддржувач на Израел, кои покажаа дека 80 проценти од населението не се согласува со постапките на Израел во Газа, а две третини сакаат владата да преземе мерки.