Амазон ги спречува библиотеките бесплатно да им позајмуваат електронски книги на читателите

Киндл
фото: freestocks на Unsplash

Амазон повеќе нема да им ги продава на библиотеките во САД електронските и аудио верзиите на книгите кои ги издава, пишува „Вашингтон пост“.

Амазон се одлучил на овој чекор бидејќи смета дека се неповолни условите со кои компанијата им ги продава дигиталните верзии од книгите на библиотеките, кои потоа истите ги прават достапни за бесплатно позајмување на платформи и апликации како „Либи“.

Од Амазон велат дека размислуваат за нов модел на продажба и позајмување на книгите во нивно издаваштво.

„Не ни е јасно како сегашните модели за заеми на дигиталните библиотеки правично ги балансираат интересите на авторите и библиотекарите. Ние ова го гледаме како можност да воведеме нов пристап кој ќе помогне во зголемување на читателската публика и ќе им служи на библиотеките, истовремено зачувувајќи ги интересите на авторите, вклучително нивните приходи и авторските права“, изјавила Микајла Брудер, шефица на глобалниот маркетинг во „Амазон Паблишинг“.

Дебатата се води околу тоа дали библиотеките, кои често за физички и електронски копии од книгите плаќаат далеку повисоки цени од малопродажните, на крајот ѝ штетат на продажбата на издавачите со тоа што им овозможуваат на луѓето бесплатно да ги проверуваат и прелистуваат копиите.

Авторите чии книги ги издава Амазон засега не го произнеле своето мислење за ова прашање, но истовремено повеќето од нив се согласуваат дека книгите треба да им бидат достапни на сите.

Амазон стана мета на критики, меѓу другото, и поради тоа што голем дел од јавните библиотеки во САД им ги овозможуваат овие книги на сиромашните лица и оние кои не се во можност да ги платат за да се едуцираат.

Изнајмувањето на е-книги сега е полесно од било кога, во ера на мобилни апликации  и широко распространетата употреба на „Киндл“ (Kindle).

Со пандемијата, платформите за позајмување на книги станаа од витално значење за оние кои се заинтересирани да читаат и да изнајмуваат книги од безбедноста на нивниот дом.

Одлуката на Амазон да ги спречи библиотеките да ги позајмуваат нивните е-книги го нагласува огромното влијание што компанијата го има во светот на продажбата на книги и издаваштвото. Амазон стана доминантна платформа за е-книги во САД пред неколку години, а таа доминација дополнително ја зацврсти со линијата „Киндл“.