АЛТА банка АД Битола соопшти дека е ликвидна и дека клиентите имаат непречен пристап до своите средства, по најновите случувања со Алта банка АД Белград. Според соопштението, експозитурите и банкоматите работат во вообичаениот режим, а клиентите можат да подигнуваат готовина и да ги извршуваат банкарските трансакции согласно редовните услови.
„Настаните поврзани со банката во Србија не значат автоматски промена на финансиската состојба или правниот статус на АЛТА банка АД Битола“, наведуваат од банката.
Оттаму нагласуваат дека се самостојно правно лице, регистрирано во Северна Македонија, со сопствен капитал, средства и обврски. Посочуваат дека работат според домашната регулатива и под непосредна супервизија на Народната банка на Македонија, а депозитите на физичките лица се осигурени преку Фондот за осигурување на депозити, согласно законските услови и лимити. Во соопштението банката наведува и дека околностите во Македонија се суштински различни од оние во Србија.
Реакцијата следува откако Народната банка на Србија објави дека ѝ ја одзела дозволата за работа на Алта банка АД Белград поради значително влошување на финансиската состојба и загрозување на интересите на депонентите. Српскиот регулатор најави исплата на осигурените депозити во рок од седум работни дена.
Белградската Алта банка минатата година ја презеде Стопанска банка Битола, која во декември 2025 година беше преименувана во АЛТА банка АД Битола. Според објавените податоци со состојба на 4 ноември 2025 година, белградската банка заедно со поврзаните субјекти поседувала 93,2571 отсто од обичните акции.
Србија ѝ ја одзеде дозволата на Алта банка, која лани ја презеде Стопанска банка Битола
Славески за Н1: Преносот на пари меѓу држави сам по себе не значи сомнителна активност
