Педесет годишен маж кој бил под дејство на алкохол ја давел и крвнички ја удирал неговата партнерка во домот во Гази Баба, соопшти денеска Основното јанво обвинителство.
„Завчера, во видно алкохолизирана состојба, осомничениот ја нападнал својата партнерка во домот во Гази Баба во кој таа привремено престојувала. Ја удирал по главата и телото, ја давел за вратот, а замавнал и со нож кон неа. Жената успеале да ја спасат двајца други потстанари во истата куќа, кои ја извлекле и повикале полиција. Кај жртвата биле констатирани повеќе повреди, меѓу кои пукнатина на ребро и на градна коска“, се наведува во соопштението на Обвинителството.
Против насилникот јавен обвинител повел постапка за кривично дело Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, како и Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Основното јавно обвинителство Скопје предложи на осомничениот да му биде определена мерка притвор поради опасност од бегство.
