Длабока анализа на постојната состојба покажала дека во Македонија околу 50% од популацијата е зависна од цигари, изјави министерот за здравство, Азир Алиу во синоќешното гостување во емисијата „24 анализа“ на ТВ 24, каде се осврна на потребата од донесување нов закон за заштита од пушењето.

„Законите сами по себе не може да бидат квалитетни и да дадат резултати ако немате цел екосистем. Законот дефинира рамка и строги правила за подобрување на екосистемот во одреден сегмент. Од друга страна, ако немате дополнителни индикатори за мерење и следење дали законот се применува, ќе имате само закон на хартија. Затоа можеби досега постојните закони за жал не даваа резултати. Ние прво направивме длабока анализа на постојната состојба, која покажа дека кај нас околу 50% од популацијата е зависна од цигари. Пушат околу 18-22 цигари на ден, што значи во државата имаме двојно повеќе пушачи во споредба со европските стандарди. И ова е алармантно, особено што има пушачи и од најрана возраст, од 13-14 години има 7,7% активни пушачи, од 15-16 години се некаде 37%, а на електронски цигари 40%“, истакна министерот Алиу.

Азир Алиу потсети дека предлог-законот за заштита од пушење, кој предвидува драстични заострувања на државната политика кон пушењето цигари и тутунските производи, е објавен на електронскиот национален регистар за прописи (ЕНЕР), каде во наредниот период сите заинтересирани граѓани и организации ќе можат да учествуваат во јавната расправа пред нацрт-текстот да се најде во собраниска процедура.

„Замислете наш граѓанин кој работи во угостителски објект каде што се пуши внатре. Тој без оглед дали сака или не, пасивно е изложен на чад од цигари осум часа на ден и на крајот од денот е пасивен пушач. Разговарав со доктори кои велат дека има многу често случаи на кардиоваскуларни заболувања кога пациентите велат дека самите не се пушачи, но дома имаат членови на семејството кои пушат во затворени простории. Тоа значи дека и пасивните пушачи се во ризик, кога активните пушачи пушат во затворени простории. Нас како држава целта ни е да ги заштитиме граѓаните“, додаде министерот.

Според министерот, главниот фокус на предлог-законското решение е насочен кон децата и младите, односно на нивна заштита од штетните последици што ги предизвикува пушењето цигари и други производи од тутун.

„Со овој закон отвораме суштинско прашање што директно го засега здравјето и иднината на нашите деца и младите. Фактите се јасни и неспорни, тутунот и никотинот остануваат водечка причина за превентабилна смрт, изложеноста на чад и аеросоли ги оштетува и тие кои не избрале да пушат, а новите никотински производи, аромите, агресивниот маркетинг и дигиталната промоција се насочени токму кон младите. Затоа, Министерството за здравство изготви нов закон за заштита од пушење, чија намера не е казнување, туку превенција, јавно здравје и заштита на најранливите категории граѓани“, оценува Алиу.

Воедно, од Министерството наведуваат дека предлог-законското решение е усогласено со европската регулатива и со меѓународните обврски што Македонија како држава ги има преземено, а се вградени во принципите на Рамковната конвенција на Светската здравствена организација (СЗО).

Според текстот на предлог-законот, кој од викендот е објавен на ЕНЕР, освен целосна забрана за пушење во јавни и работни простории, предвидува и забрана за рекламирање, промоција и спонзорирање од страна на тутунската индустрија, регулирање на продажбата, прикажувањето и изложувањето на тутунските и никотинските производи.

Доколку биде усвоен, законот изречно ќе забрани пушење пред објекти на здравствени установи, установи за социјална заштита, воспитно-образовни, културни и рекреативни установи, организации за физичка култура и спорт, како и пред и во објекти за престој и сместување на деца, ученици и студенти.

Консумирањето цигари и други тутунски и никотински производи ќе биде забрането во и пред објекти каде што се приредуваат забавни и рекреативни дејности за деца (како игротеки за деца и приватни установи за грижа на деца, а нема да се пуши ниту во објекти на државните и органите на единиците на локалната самоуправа, односно во општините.

Пушењето ќе се забрани и во објекти и возила што претставуваат работни места, како и во сите видови јавен превоз – патен, железнички, воздушен и воден превоз, жичари и ски-лифтови, како и на аеродроми, автобуски станици, езерски пристаништа и на станици на градски и приградски јавен превоз.

Предлог-законот предвидува и забрана за пушење и во приватно возило во присуство на дете, а тоа нема да биде дозволено и во заеднички простории на станбени згради, како светларници, лифтови и заеднички котларници.

Според предлог-законот, пушењето ќе биде забрането и во објекти на полициски станици, казнено-поправни и воспитно-поправни установи, како и во објекти на приредувачи на игри на среќа.

Дозвола за пушење ќе има исклучиво на строго дефинирани отворени простори, кои мора да бидат физички одделени од просторите каде што не се пуши и кои ќе бидат отворени од најмалку три страни на кои нема никакви стаклени, пастифицирани или најлонски прегради.

Еден од новитетите во предлог-законот за заштита од пушење е забрана за производство, увоз, дистрибуција, продажба и ставање во промет на тутунски и никотински производи кои содржат ароми или вкусови.