Извор на фотографија: Собрание на РСМ

Блокадата на работењето на македонскиот парламент продолжува. Албанската опозиција предводена од Алијансата за Албанците и Алтернатива поднесе над 19.500 амандмани на 10 предлог-закони што се најдоа денеска на расправа на собраниската Комисија за финансирање и буџет. Со ова, бројот на блокирани закони во Собранието порасна на 20, за што од албанската опозициска коалиција се поднесени 32.000 амандмани.

Високиот број амандмани од Алијансата за Албанците и Алтернатива го објаснуваат со неусвоениот Предлог закон за државјанство, со кој тие бараа македонско државјанство да се добива со тројца сведоци, решавајќи го на тој начин проблемот на лицата кои живеат во Македонија подолг временски период, а не можат да добијат државјанство на оваа земја.

Меѓу новоблокираните закони од албанската опозиција е и предлог-законот за финансиска поддршка како дел од петтиот пакет на антикризни мерки во ковид-19 пандемијата, со кој на 23.000 граѓани ќе треба да им се доделат 6.000 денари финансиска помош. Од Алијансата на Албанците и Алтернатива објаснуваат дека нивен приоритет е законот за државјанство, а доколку власта сакала овие пари да стигнат до граѓаните загрозени од ковид пандемијата, тогаш предлог-законот ќе го поднела по скратена, а не по редовна постапка.