Фото: Влада на РСМ

Веруваме дека сме на добар пат на изнаоѓање трајно законско решение за Законот за државјанство што ќе овозможи една законска рамка преку која сите граѓани на коишто досега им беше оневозможено да живеат достоинствен живот во државата, да биде изнајдено решение, ова го изјави Скендер Реџепи, координатор на коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива (АА-А).

„Од Владата имаше предлог да има закон со преодна одредба кое ние ќе го разгледаме и дискутираме, меѓутоа нашето барање е Владата да најде компромис околу неколку одредени точки од Законот“ рече Реџепи.

Тој појасни дека актуелното законско решение може со комисиски амандмани да се дорегулира бидејќи нема потреба од нов закон.

Како што додаде Реџепи, на коалицијата не и е цел да биде единствената во Собранието што ќе блокира закони, туку ќе бидат оние кои им служат на граѓаните.

„За нас бројот на граѓани кои немаат државјанство е ирелевантен бидејќи и согласно Меѓународната конвенција на Обединетите нации, ниту еден граѓанин во државата не смее да биде без државјанство. За нас не е важно дали станува збор за еден или 10.000 граѓани“ додаде Реџепи.

Премиерот Зоран Заев истакна дека на средбата освен темата за измени и дополнувања на Законот за државјанство, не се разговарало за одложувањето на пописот. Тој посочи дека со претставниците од Алијансата и Алтернатива имале конструктивен работен состанок.

„За еден дел од работите веднаш изнајдовме решение, а за позначаен дел од работите Владата треба да ги разгледа понудените аргументации од нивна страна, како што и тие треба да ги разгледаат нашите. Договоривме за една недела или порано да се сретнеме и повторно да разговараме за тие аргументи. Се согласивме дека иако е евидентирана таа бројка од 1.500-1.600 граѓани, и 800 луѓе во Матичната евиденција е различна. Притоа, разграничивме дека граѓани кои имаат извод од матична евиденција, односно кои се родени тука е една проблематика, а останатите кои се стекнуваат со природување се друга проблематика“ рече Заев.