„Али експрес сензорите“ мерат исто како како државните

Иако надлежните ги отфрлаат како нерелевантни податоците кои тие ги генерираат, а заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули неодамна ги нарече „Али експрес сензори“ (во смисла – многу евтини и едноставни)  кои служат само да се крева паника околу загадувањето, кога ќе се споредат податоците добиени од приватните мерни станици во држава тие покажуваат резултати слични со оние добиени од мерачите кои ги контролира Министерството за животна средина.

– Често слушаме изјави од одредени политичари, како тоа „Али експрес сензорите“ креваат паника и се неквалитетни па сакав да ги споредам нивните со мерењата на државните мерни станици. Но, податоците зборуваат поинаку – вели Горјан Јовановски, создавачот на страницата „Мој воздух“, на која се дадени податоците од сите мрежи на мерни станици – и државните и оние поставени од приватни иницијативи, во реално време, и е најчестиот извор на информации за аерозагадувањето за граѓаните кои се интересираат колкави се моменталните измерени вредности на ПМ честичките во воздухот.

Државните мерни станици на графиконите се со сина, а „приватните“ со црвена линија.

Јовановски изработи графикони со споредби на мерењата за неколку локации каде постојат паралелно и државни мерни станици и приватни мерачи за да покаже дека мерењата на овие мерачи, иако значително поефтини од оние од државната мрежа на мерни станици сепак даваат податоци кои се мошне слични или речиси идентични со оние на државните.

Така на пример, во Карпош 4 податоците на државна мерна станица поставена кај ОУ Петар Поп Арсов, споредени со оние на волонтерска мерна станица од Pulse.eco мрежата, кај зградата на Прокредит Банка, за истиот временски период од 4 до 11 фебруари  покажуваат дека мерењата на ПМ10 се скоро идентични, со мали варијации секако поради поставеноста на различни места.

„Ова е само еден пример од повеќето каде што може да се види дека иако едната станица чини 250.000EUR, а другата 50EUR, нивните мерења и не се така различни“, вели Јовановски и додава дека разликите во мерењата, иако мали, многу веројатно се должат и на тоа што помеѓу државните и приватните мерачи има од 500 до 800 раздалеченост, но дека тие главно покажуваат едни исти трендови во движењето на квалитетот на воздухот.

Слични резултати во кои речиси се поклопуваат кривите на мерењата на приватните и на државните мерачи дала споредбата во Центар, каде како и во Лисиче, каде има одалеченост од 800 метри од државната мерна станица која е во ОУ Александар Македонски и приватната која е блиску црквата Слово на Надеж.

– Ова покажува дека “Али експрес“ не е ништо полош од „Јани експрес“. Иако државните сензори се толку скапи и прецизни, видовме дека тие почесто се расипуваат, тешки се и исклучително скапи за одржување за разлика од оние од приватните мрежи на мерни инструменти кои работат континуирано од кога се поставени, а долгите периоди кога не го мереа загадувањето потоа беа искористени од надлежните за да се манипулира со податоците и да се прикажува помало загадување – шеговито коментира Марјан Ненов од „Движењето за чист воздух“.

Според Ненов, сепак е важно независните мерачи кои се поставуваат да бидат сертифицирани за да претставуваат веродостоен извор на информации.

Неодамна во интервју за „Мета.мк“, министерот за животна средина Насер Нуредини не сакаше да го коментира ставот на својот заменик за „Али експрес сензорите“, но рече дека би сакал државните мерни станици, кои се скапи и комплицирани за одржување, да мерат и други полутанти во воздухот освен ПМ честичките. Тој за годинава најави поставување на уште две државни мерни станици, во Гевгелија и во Битола.