Процесот за помирување доби силна поддршка од претседателот на Комисијата за надворешна политика на Европскиот парламент, Дејвид Мекалистер и европратеникот Кнут Флекенштајн, информираше Емилија Александрова од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата и додаде дека добиле охрабрување и насоки за продолжвање во правецот во кој се движат.

– За нас како осум независни пратеници од ВМРО-ДПМНЕ тоа има големо значење и покажува дека сме на вистинскиот правец, и дека процесот кој тече во државата во однос на процесот на интеграции, на реформи и на помирување е токму вистинскиот пат по кој мора да се движи Македонија. Ова се историски моменти, препознаени од сите, и од нас осумте пратеници – рече Александрова.

Таа додаде дека од страна на нивната група било истакнато дека ова се сензитивни моменти за македонскиот народ и оти нема место за импровизации и манипулации со националните чувства на народот.

– Сите мора да бидеме искрени и да веруваме во овој процес затоа што ние немаме резервна држава, а нашата држава мора да се движи напред кон евроатлантските интеграции – посочи Александрова.

Запрашана дали ќе останат до крај поддржувачи на уставните измени, Александрова рече дека реформите, интеграциите и помирувањето одат заедно, бидејќи еден без друг нема да дадат квалитетно решение кое е потребно за државата.

– Затоа очекувам и верувам дека сите учесници во овој процес како и досега ќе останеме доследни ќе покажеме разумност и секој во својата сфера ќе си придонесе да се реализира комплетно овој процес – додаде пратеничката.