Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу лесно ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борба против дезинформациите во регионот, односно од БиХ на север, до Грција на југ.

Српскиот сервис за проверка на фактите и борба против дезинформациите istinomer.rs анализираше и оповргна тврдење на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, дека Србија има една од најниските стапки на смртност од ковид-19 во Европа. Вучиќ тоа го нагласил во своето обраќање (писмо) до пензионерите во минатиот месец.

Набројувајќи ги постигнатите резултати и нагласувајќи ја заслугата на постарите генерации, посебно поднесените жртви во текот на вонредната состојба поради пандемијата на ковид-19, Вучиќ се заблагодарил и рекол дека благодарение на пензионерите, „стапката на смртност (во Србија) е една од најниските во Еропа“.

Но, како што пишува istinomer.rs, според податоците на универзитетот „Џонс Хопкинс“ од САД, „малку е веројатно дека Србија може да се сведе во редот земји со најниска стапка на смртност од корона вирусот“.

Срвисот за проверка на фактите вели дека стапката на смртност претставува број на починати на 100.000 жители, а во Србија во моментот на пишувањето на текстот, со бројка на починати од 239, стапката на смртност изнесува 3,42. Највисоката стапка на смртност во текот на пандемијата ја имала Сан Марино, со 124,32, со вкупно 68 починати во таа земја, а пак прва во Европа по бројката починати е Велика Британија со 47.130, па стапката на смртност во оваа држава е нешто поголема од 55.

Според објавените податоци, од 48 европски земји (без Лихтенштајн и Ватикан), Србија е на 28 место, односно пониска стапка на смртност од Србија имаат уште 20 европски земји, пишува istinomer.rs.