Познатиот холивудски актер и оскаровец сер Ентони Хопкинс свири пијано од 4 годишна возраст и вели дека бавењето со музика му било животна желба што сега ја реализира по 60 години искуство во компонирање и создавање песни- во форма на албум со класична музика изведуван со симфониски оркестар, а албумот е наречен „Животот е сон“ („Life is a Dream“).

За овој албум Хопкинс вели дека покрај актерството, животен му било сон да се бави сериозно со музика. Дури си игра во изјавите со насловот велејќи дека „Животот е сон“ што му се остварил. Во продолжение може да чуете композиција насловена „Бракен Роуд“ („Bracken Road“) што фигурира како „сингл“ на албумот: 

 

 

Албумот „Life is a Dream“ ќе биде објавен преку фирмата „Decca Classics“ на 21 август летово. Снимањето е извршено со официјалниот Британски Филхармонискиот Оркестар под диригентската палка на Густаво Дудамел. Ова е албум што е сублимат од сите композиции што ги има компонирано сер Ентони Хопкинс од кои дел се и мотиви за повторното поврзување со неговите велшки корени и неговото семејство. 

Албумот содржи песна посветена на неговите скромни почетоци наречена „The Fatherland“,  од времето кога бил дете, а неговиот татко бил пекар. Покрај тоа има песни инспирирани од филмови и општо од работа со кинематографија, а нормално една од главните инспирации му е неговата сопруга. 

Кај различни уметници насочени длабоко во своите бранши се забележува тенденција кон мултимедија, односно работа во други области, при што не се работи за натпревар или борба за аплаузи, туку обид да се искаже преку поинаков израз. Реномирани светски композитори и изведувачи го одобруваат и поддржуваат квалитетот и сензибилитетот на напорите во правење оригинална музика од страна на сер Ентони Хопкинс. Така, деби албумот „Life is a Dream“ е веќе актуелна тема во светот, иако сега за сега може официјално да се чуе само горенаведениот „сингл“: „Bracken Road“ на платформата за музика Spotify.