Албанскиот портал „БалканВеб“  неодамна објави текст со кратко видео од интервју на лидерот на ДУИ, Али Ахмети дадено на ТВ 21, но без да објасни дека станува збор за старо интервју направено пред две години (декември 2017). Имено, во написот  е пренесен пост на вицепремиерот Бујар Османи, кој по лидерската средба кај шефот на државата Стево Пендаровски, на Фејсбук објави дел од стара емисија на „Клик плус“ на ТВ 21, со коментар: „колку голем лидер“.  Но, во текстот на „БалканВеб“ споменатото видео се претставува како да е актуелно, односно како интервјуто со Ахмети да е правено сега.

Да потсетиме дека Ахмети  во  тогашното интервју за „Клик плус“ говори за поделбата на албанскиот електорат и навистина делува нервозно кога објаснува за поделбата на албанските партии. Меѓутоа, исто така, треба да се каже и дека интервјуто е дадено во друг временски период и во друг контекст – по локалните избори во 2017 година,  ама случајно, или не,  „БалканВеб“  го смета како „тазе” интервју.

На „Јутјуб“ каналот на ТВ 21,  не успеавме да го најдеме целото интервју на Ахмети за емисијата „Клик плус”, но  може да се најде краткиот материјал објавен  на 26 декември 2017 година.

Реобјавување стари видео материјали и вести може да се прави поради различни причини. Како на пример, ако одреден настан се актуализира, ако има нови моменти поврзани со таа тема, па е неопходно читателите да се потсетат што се случило во минатото. Само и во таков случај се наведува дека станува збор за стар материјал и се посочува времето на објавување, бидејќи во спротивно кај читателите се остава простор за конфузија, особено кај читателската публика надвор од државата која не е во тек со случувањата во нашата земја.