Објава во социјалната мрежа Фејсбук вели:
Новиот министер за одбрана на Сирија е само уште еден доказ дека сите способни се иселија од државава!
Изнесеното се однесува на новинска статија (архивска копија), што е споделена во фејсбук-објавата, а насловот на статијата е:
Абдул Јашари од Чаир стана министер во Сирија, а во Македонија се истражуваше неговата ,,улога” во случајот ,,Монструм”
Откако ќе го отвориме линкот до новинската статија, која е споделена во таа фејсбук-објава, читаме:
Македонскиот државјанин, 49-годишниот Абдул Јашари од скопски Чаир, кој со години се бори во Сирија, како командант на екстремистичката група „Џемати Албан“, од неодамна станал министер во новата сириска влада, формирана по падот на режимот на Башар Ал Асад. Информацијата ја објави и агенцијата Ројтерс која се повикува на извори од сириската влада.
Абдул Јашари, арапски псевдоним: Абу Катада Ал-Албани, етнички Албанец роден на 25.9.1976 г. во Скопје, кој се борел за движењето Ал-Нусра и подоцна за Хајат Тахрир Ел-Шам во Сириската граѓанска војна и кој од 2016 г. е под санкции на САД за тероризам, не станал министер за одбрана на Сирија, а на таа функција е Мурхаф Абу Касра, кој си е од таа земја. Всушност, Јашари не станал никаков министер, ниту за одбрана, ниту за што било друго.
Светски познатата новинска агенција Ројтерс нема објавено такво нешто, во што се уверивме со пребарување на неговото име и псевдоним на сајтот на агенцијата. Што е за право, таа него го споменува, но не затоа што станал министер, туку полковник.
Претходно наведовме и други објави, во кои се тврди дека Јашари станал министер, а некои од нив се повикуваат на српскиот сајт Информер. Тој пишувал за Јашари, но не вели дека тој станал министер, туку, помалку неодредено и збунувачки, дека добил место во новата влада на Сирија.
Информер или намерно дезинформираат или се збуниле или просто сакале да кажат дека Јашари е ангажиран во новата власт, која се воспостави по падот на Башар Ал-Асад, но тоа лошо го срочиле и со тоа создале забуна во јавноста дека Јашари станал министер во владата.
Таков податок нема никаде, освен во медиумите кај нас и во околината. Оваа неточна вест е застапена и во медиумите на албански јазик. Рецензираната објава, пак, е карактеристична по тоа што специфицира дека Јашари дотуркал дури до „министер за одбрана“, иако во споделениот напис се вели дека станал само „министер“, без да се конкретизира понатаму.
Земајќи го предвид сето досега наведено, објавата ја оценуваме како невистинита.