Законите за медиумите во земјите од Западен Балкан се усогласени со европските стандарди, но нивната примена е лоша, што довело до алармантно загрозување на новинарските слободи и до влошување на социјалната и на економската положба на новнарите, покажува истражувањето за слободата на медиумите и за безбедноста на новинарите во земјите од Западен Балкан, спроведено од членови на новинарски здруженија и синдикати од регионот, а кое денеска беше презентирано во Белград.

Кога станува збор за безбедноста на новинарите, главниот истражувач, Снежана Трпевска, истакна дека истражувањето покажало дека има тренд на пораст на вербалните напади на новинарите во Македонија и во Србија.

„Државните институции во земјите од регионот не се заинтересирани за водење прецизни статистики за бројот на вребални и физички напади на новинари, туку таква статистика водат само новинарските здруженија. Соработката меѓу здруженијата и државните институции задолжени за гарантирање на безбедноста на новинарите речиси и да не постои“, вели Трпевска.

Истражувањето во кое учествуваа членови на новинарски здруженија и на синдикати од Србија, Македонија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора и од Косово, покажало и дека „јавните сервиси во регионот им служат на политичките елити, иако нивната независност е гарантирана со закон“, „регулаторните тела во сферата на медиумите се перципираат како слаби, неефикасни и политички контролирани, а опозицијата нема доволно пристап до медиумите дури ни во текот на предизборната кампања“.

Трпевска наведува и дека социо-економската положба на новинарите во регионот е лоша, дека често немаат работни договори и дека се оптоварени со стравот од губење на работното место.

„Провладините медиуми ги напаѓаат непрофитните медиуми, нарекувајќи ги „платеници“, затоа што се финансираат од донации од странство. Во Србија автоцензурата е најголемиот проблем со кој се соочуваат новинарите, а причината за тоа е нивната економска состојба, но и притисоците од редакциите во кои работат“, рече Трпевска.

Шефот на делегацијата на Европската Унија во Србија, Мајкл Девенпорт, оцени дека клучната задача за медиумите во демократските општества е да дадат простор за слободна дебата, додавајќи дека извештаите на Европската комисија за состојбата во сферата на медиумите треба да се користи како алатка за унапредување на медиумскиот простор.

Изтражувањето „Слободата на медиумите и безбедноста на новинарите во Западен Балкан“ е спроведено во рамките на проектот „Регионална платформа на Западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите“.