fbpx

Маратонот, трибини, концерти и натпревари настрадаа поради Куманово

-

Поради актуелната безбедносна ситуација и случувањата во Куманово за време на викендот, откажани и презакажани се повеќе настани и манифестации.

ВМРО-ДПМНЕ за недела, 10 мај, имаа закажано голем народен собир во Велес, но поради безбедносната ситуација, партијата го откажа собирот.

Поради безбедносни причини откажан беше и Скопскиот маратон, што требаше да се одржи во недела со почетокот во 8.45 часот, а организаторите велат дека е одложен на неодредено време.
Дел од пријавените маратонци, сепак, се појавија на стартот и симболично трчаа во чест на загинатите полицајци.

„Розовата прошетка“, главниот настан на кампањата „Напред розово 2015“ за подигнување на свеста за ракот на дојка, кој требаше да се одржи на 16 мај, се откажува и дополнително ќе се одлучи за новиот датум на одржување.
„Со огромна жал, Ве известуваме дека со оглед на новонастанатата ситуација во нашата земја, главниот настан од кампањата „Напред розово 2015“ ќе биде откажан и нема да се одржи на 16 мај“, се вели во соопштението на невладината организација „Борка“.

„Прагма продукција“, организатор на концертот на хрватската група „Парни ваљак“, го одложи концертот, кој беше закажан за 16 мај, за 6 јуни.

„Моменталната ситуација во Република Македонија и настаните што се случија изминатиов викенд, се причините поради кои „Прагма продукција“ одлучи концертот да го премести во јуни. Купените билети ќе важат за тој концерт. Освен „Прагма продукција“, со оваа одлука едногласно се сложи и групата „Парни ваљак“. Порачуваат дека нивните мисли се со нас и дека се надеваат на што поскоро надминување на оваа состојба. Република Македонија очигледно им е во срцето. Особено на водачот на групата, Аки Рахимовски, кој земјата на сонцето сè уште ја смета и за своја татковина“, се вели во соопштението од продукцијата.

Поради двата прогласени денови на жалост, одложени беа повеќе фудбалски натпревари, а натпреварот меѓу „Шкендија“ и „Вардар“, кој требаше да се игра викендов во Куманово, се одигра вчера во Кичево, без присуство на гледачи.

Одложен е и кошаркарскиот натпревар на „Работнички“ против „Куманово“, кој требаше да се одигра утре. Поради безбедносни причини, раководството на кошаркарскиот клуб „Куманово“, по барање од МВР, побара од Македонската кошаркарска федерација да го одложи натпреварот.

Поради влошената безбедносна ситуација, вчера и денеска во Куманово не работеа училиштата, но општинскиот кризен штаб во Куманово, кој заседаваше утрово, информираше дека учениците од утре повторно ќе следат настава.

Средношколците кои минатата недела секој ден организираа протести во 17 часот пред МОН, ги прекинаа поради безбедносната ситуација и прогласувањето дводневна жалост.

Активистите што протестираат секој ден во 18 часот и бараат оставка и одговорност на сегашната Влада, вчера и завчера одржаа само мирни собири во чест на загинатите полицајци.

Директорката за комуникации во агенцијата „Њу момент“, Ели Пешева, вели дека настаните на нивните клиенти не се откажуваат, туку се поместуваат.

– Луѓето имаат нормални процени дека е несоодветно да се прават прослави и забави во олку тензична атмосфера, додека добивавме информации за загинати полицајци, а кумановци поминуваа низ 48-часовен хорор. Дури и оваа недела, по настаните во Куманово, несоодветно е да се правиме дека животот продолжува како ништо да не било. А, постои и страв, особено кога и првите луѓе на државата и медиумите, а и неформално по социјалните мрежи, се предупредува дека цел на терористите можат да бидат масовно посетени места и настани – смета Пешева.

Од агенцијата за комуникациски менаџмент и за односи со јавноста „Имиџ ПР“ истакнуваат дека последните случувања во Македонија длабоко ги потресоа сите граѓани и, секако, ваквата ситуација има и свои сериозни реперкусии и на бизнисот.

– Повеќе настани и активности на компаниите се одложени. Негативно е и влијанието воопшто во бизнис-секторот бидејќи нарушувањето на нормалните текови во земјата доведе до претпазливост и до одложување и на некои покрупни активности кои во моментот се ставени во мирување. Доколку ваквата ситуација потрае и турбуленциите продолжат и во следниот период, тоа ќе доведе до поголема стагнација во економијата. Тоа ќе значи помалку средства во бизнисот, помал обем на активности и, на крајот, помала потрошувачка – велат тие.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...