fbpx

Акција на МВР и на царината: Запленети 236 грама хероин

-

Екипи на одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал, во заедничка акција со Царинската управа, денеска на граничниот премин Богородица, спречиле шверц на 236 грама хероин, наменет за домашниот наркопазар, соопшти МВР.

Дрогата била откриена при претрес на 46-годишниот скопјанец А.Б., кој патувал во автобус, што сообраќал на редовната линија Скопје – Истанбул.

– По извршениот претрес, кај лицето во елекот што го носел на себе, во внатрешниот дел, под потставата, пронајдено е пришиено долгнавесто пакување исполнето со прашлива материја. По извршено тестирање со прирачни тестови, утврдено е дека се работи за наркотична дрога хероин -информираат од МВР.

Во полициската истрага било утврдено дека скопајенцот пред неколку дена заминал во Турција, каде од непознато лице го купил хероинот и имал намера да го прошверцува во земјата, за продажба на домашниот наркопазар.

По извршеното вештачење, во одделот за крим-техника на МВР, било утврдено дека запленетиот хероин, при продажба на домашниот наркопазар, би достигнал цена од 15.000 евра.

Од МВР информираат дека против А.Б. ќе биде поднесена кривична пријава за неовластено производство и за пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори, а во текот на денот осомничениот треба да биде изведен пред судија на претходна постапка.

– Со овој случај, којшто е реализиран во рамки на пошироката оперативна акција „Мрежа“, насочена за сузбивање на недозволената трговија со дроги, досега кривично се пријавени околу 140 лица, а запленети се приближно 515 килограми разни видови дроги – додаваат од МВР.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.