fbpx

Акција „Чекан“: Криминална група шест години царувала во Гостивар

-

Осумнаесет гостиварци и еден скопајанец се осомничени како членови и помагачи на криминалната група што дејстувала во западниот дел на државата, информираат од МВР.

Во полициска акција под оперативно име „Чекан“, утрово се уапсени 15 членови на групата, две лица се надвор од државата, а по двајца од осомничените сè уште се трага.

Пет лица се осомничени како организатори на криминалната група, која почнала да дејствува во 2008 година, претежно на територијата на општина Гостивар, а меѓу осомничените се и четворица адвокати и еден извршител, кои помагале во изработката на фиктивни договори и на документација.

Според полицијата, организаторите и членовите на групата се осомничени за кривичните дела злосторничко здружување, изнуда, лихварство и перење пари и против нив до јавното обивнителство се поднесени кривични пријави. Пријава е поднесена и против фирмата „Голден плејс ММ“, чиј сопстевник и управител е сопругата на еден од организаторите на криминалната група.

Адвокатите и извршителот се товарат за злосторничко здружување, фалсификување исправа, употреба на исправа со невистинита содржина и злоупотреба на службена положба и овластување.

– Мотивот на криминалната група бил стекнување противправна имотна корист од извршените кривични дела, која ја пуштале во легалниот платен промет, за што користеле голем број сопствени фирми, банкарски сметки, вложувајќи во недвижности и во превозни средства, стекнување недвижен имот, како и давање на незаконски позајмици на физички и на правни лица – велат од МВР.

Организаторите на групата на повеќемина гостиварци, меѓу нив и сопственици на фирми, им давале позајмици на кои им пресметувале лихварски камати од 8 до 20 отсто.

– Откако ќе ги доведеле во неликвидна економска состојба, им упатувале сериозни вербални закани, вршеле физички напади, а потоа ги терале да склучуваат фиктивни нотарски и адвокатски договори, кои ги составувале адвокатите. Со вака склучените договори за купопродажба на недвижен имот или возила, на неколку лица од Гостивар и од околината им го присвоиле нивниот недвижен имот или нивните возила или, со помош на извршителот, покренувале и спроведувале постапки за извршување врз имотот на оштетените – соопштуваат од МВР.

Во полициската истрага, преку финансиска анализа, било утврдено дека првосомничениот од групата, како главен организатор, успеал да пушти во оптек околу 862.000 евра стекнати со криминални активности, а за да ја прикрие нивната локација, движење и сопственост, ги користел сите сметки на негово име, како и жиро-сметките од една фирма.

Во акцијата, спроведена утрово, биле извршени претреси на 19 локации во Гостивар, а еден од осомничените стрелал во полициските специјалци, но веднаш бил совладан и приведен.

Како што информираат од полицијата, до овој момент, во рамките на акцијата биле одземени 20 возила, околу 44.000 евра, 12.000 швајцарски франци и 240.000 денари, четири пиштоли без дозвола, една ловна пушка, околу 60 куршуми, нож, боксирач, три рамки за пиштол, седум мобилни телефони, 11 СИМ-картички, договори и предмети поврзани со оштетените лица, повеќе договори за заем на парични средства, а утврдено било и кривично дело кражба на струја.

Петнаесетмината уапсени во акцијата во текот на денот треба да бидат изведени пред судија на претходна постапка, при Основниот суд Скопје 1.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...