Во текот на денешниот ден имало 23 пожари на отворен простор, од кои 3 се изгаснати, 7 се под контрола, а 13 се активни, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Пожарот кој гори веќе 20 дена на ловиштето „Јасен“ е ставен под делумна контрола и таму дејствуваат 70 припадници на АРМ и пожарникари. И пожарот на Галичица е ставен делумно под контрола, а во неговото гаснење учествуваат повеќе од 120 лица, ренџери од НП Маврово, локални пожарникари, вработени во ДЗС и доброволци.
Во Кичево, кај село Цер има голема линија на оган, која, како што рече Ангелов, предизвикува голема вознемиреност кај населението, а истиот се проширува накај селата Брезово и Зашле. Триесет припадници од АРМ и 5 вработени во Национални шуми се вклучени во гаснењето.
„Пожарот не се заканува на ниту едно село, но сепак е можно да го промени правецот“, рече Ангелов.
Гори и над селото Гари, каде што чадот е намален. Ангелов е дециден дека пожарот не може да стигне до селото, а во неговото гаснење се вклучени четворица пожарникари и вработени во Национални шуми.
Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, вели дека се надеваат дека најавените врнежи од дожд ќе помогнат при гаснењето на пожарите.
„Најавениот дожд ќе ја навлажни вегетацијата и сите оние кои се вклучени во гаснењето на пожарите а и граѓаните, ќе можат да здивнат“, вели Ангелов.