Фото: engin akyurt on Unsplash

Активистките за човекови права од балканскиот регион, застанаа заеднички и солидарно со сите жени жртви на онлајн родово-заснованото насилство и бараат од надлежните институции да постапуваат согласно нивните овластувања за темелно и неодложно да го истражат случајот со групите на платформата Телеграм (како Balkan room, Јавна Соба, Гевгелија Хаб, Српска соба, Смоква и други), да ги санкционираат сторителите и заштитат жртвите од понатамошна виктимизација.

„Точно една година по појавата на ваква група на мрежата Телеграм во Македонија, која се користи за сексуално вознемирување на девојки преку објави на нивни фотографии без никаква согласност, во порнографски контекст, како и лични податоци за жртвите, сведочиме и на нови случаи на ваква злоупотреба не само во државата, туку во целиот регион. И покрај тоа што администраторите и креаторите на две од овие групи се уапсени, сметаме дека тоа е само прв чекор во пристапот до правда кој мора да им биде обезбеден на сите жртви на овој тип на кривични дела,“ се вели во соопштението од Платформа за родова еднаквост кое е потпишано од страна на 138 организации од регионот.

Во соопштението се додава дека институционалниот молк праќа порака дека насилството врз жените се толерира, дека не е казниво, насилниците се охрабруваат да продолжат со своето однесување, а жртвите остануваат заплашени, засрамени и неми.

„Случаите во Македонија, Србија и Хрватска покажаа дека против мал број од сторителите се иницираат кривични постапки и дека оние малку сторители кои се гонат, се гонат само за кривичното дело „производство и дистрибуција на детска порнографија“, со што е оневозможена заштитата на полнолетните жртви.Искуствата на жените од државите од поранешна Југославија на кои со години им обезбедуваме бесплатна правна помош и други услуги, сведочат за бројни пропусти во водењето на постапките. Честопати, жените кои имаат претрпено сексуална злоупотреба онлајн, се соочуваат со несоодветен одговор од страна на институциите, како што е практиката на непостапување, неверување и релативизирање на искуства на жртвите, поради што жртвите не ѝ веруваат на полицијата и сметаат дека пријавувањето е залудно,“ се додава во соопштението.

Во него се потенцира дека, изрекување на прекршочни санкции и опомени за насилниците, наместо документирани и аргументирани кривични пријави, како и несоодветно спроведување на забраните за приближување и контактирање на жртвите резултира со континуирано, засилено насилството, често со сериозни последици по здравјето на жртвите, а во одреден број на случаи дури и смрт.

„Оттука, бараме од Јавните обвинителства во регионот неодложно и темелно да ги расчистат случаите со групите на Телеграм кои претставуваат кривично дело. Бараме од Министерствата за внатрешни работи континуирано да преземаат превентивни активности и да го спречуваат опстојувањето на ваквите групи. Не смееме да дозволиме одржување на состојба во која жртвите се множат, а институциите молчат и потфрлуваат во извршувањето на својата функција,“ се вели во соопштението.