Поминаа повеќе од десет дена откако Мета, по апелот на активистката за заштита на правата на животните Тина Мицковска, објави дека лавчето Симба заврши во рацете на кумановци. Сепак, и покрај тоа што полицијата го уапси С.А.(31) од Куманово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено ловење, чување и отуѓување на диви животни“ нема информација дали лавчето е пронајдено, како е донесено во Македонија и каде се наоѓа сега.
Со оглед на тоа што лавовите растат бргу и за само три месеци почнуваат да јадат месо за чување на вакво диво животно потребни се специјални услови. Во дивина каде лавовите можат да ловат нивниот животен циклус трае скоро 8 до 10 години, но кога живеат во заробеништво тие можат да живеат до 25 години.
Радмила Пешева од „Анима Мунди“ за Мета изјави дека кај нас нема услови за чување лавови и стравува за иднината на Симба.
„Кај нас нема услови за чување лавови. Затоа, се плашам дека институциите нема да можат да го згрижат и ќе го еутанизираат со објаснување дека не се знае потеклото и здравствената историја на животното и ќе се третираа како закана и опасност“, рече Пешева.