Активистите ќе се обидат да го извлечат залутаниот кит во реката Сена со витамински коктел

фото: Принтскрин од видео на „Ен-би-си Њуз“ / Јутјуб

Француските власти очајнички се обидуваат да го спасат белуга-китот заробен во реката Сена, па сега се обидуваат со нова стратегија – витамински коктел, јавува „Би-би-си“.

Спасувачите се надеваат дека тоа ќе му помогне на залутаниот кит да го поврати апетитот, а со тоа и потребната енергија за враќање во морето. Видливо неухранетиот цицач првпат беше забележан во Сена во вторникот, на околу 70 километри западно од Париз.

По неуспешните обиди да се поттикне да исплива, китот и понатаму останува заглавен, а научниците се грижат за неговото здравје.

Спасувачите му понудиле повеќе видови на риба за храна, но белуга-китот одбивал да ја прифати храната.

Властите сега се надеваат дека вбризгувањето на витамини ќе му го поттикне апетитот и ќе му помогне да го исплива растојанието од 160 километри назад по реката до каналот Ла Манш, од каде што ќе може да доплива до своето живеалиште во Арктикот.

Спасувачите разгледуваат уште една опција – целосно да го отстранат китот од реката, што би било многу поризично.

Научниците се загрижени за состојбата на животното бидејќи тврдат дека се однесувало мачно. На неговата кожа се појавиле мали дамки, но сè уште не е јасно дали тоа значи влошување на неговото здравје или е само реакција на слатката вода од реката Сена, за разлика од природното живеалиште на китот – солената вода.

Поради формирањето на мразот, белугите повремено испливуваат на југ наесен за да се хранат, но експертите се збунети како китот успеал толку да се оддалечи од своето природно живеалиште.

 

Напишете коментар