Активистите бараат добро да се промисли проширувањето на улицата Цветан Димов во Чаир

Градоначалникот Петре Шилегов. Фото: Град Скопје

Новите коловозни ленти за автомобилите и за идниот БРТ во Скопје кои ги предвидуваат градските власти би можело да претставуваат „вистински пекол“ за пешаците и велосипедистите, предупредуваат граѓанските активисти. Од граѓанската иницијатива „На точак“ велат дека токму тоа би можело да се случи доколку се оствари најавата за проширување на улицата Цветан Димов во скопската општина Чаир со шест коловозни ленти, со по три коловозни ленти во секој правец, тротоари и велосипедски патеки, зеленило и ново осветлување во должина од 1.100 метри.

На улицата Цветан Димов се наоѓа еден од најубавите скопски дрвореди, којшто држи сенка на пешаците и велосипедистите, но и на дуќаните долж улицата. Проблем се и паркираните возила на сообраќајницата, коишто ја намалуваат пропусната моќ и го забавуваат времето на патување од центарот на Скопје кон општините Чаир, Бутел и Шуто Оризари.

Градот Скопје вчера најави дека почнала постапката за јавна набавка за изработка на основниот проект за претворање на улицата Цветан Димов во булеварско решение, на потегот од крстосницата со улицата „Џон Кенеди“ до крстосницата со булеварот „Никола Карев“.

Од „На Точак“ велат дека треба три пати да се промисли пред да се изврши проширувањето на улицата Цветан Димов.

„Сте се запрашале зошто Партизанска и Јане Сандански се поподносливи како булевари иако имаат многу ленти за автомобили? Затоа што содветно на асфалтот имаат голема површина со странично и централно зеленило, зашто имаат широки (за наши услови) велосипедски патеки и широки тротоари. Затоа што просторот е релативно пропорционално распределен. Од слични причини, булеварот Климент Охридски е неподнослив и е автопатски пекол“, се вели во објавата од „На Точак“.

Тие наведуваат дека постои разлика меѓу овие скопски булевари затоа што просторот на булеварот Климент Охридски не е пропорционално распределен, затоа што за широчината што ја има нема капацитет за толку коловозни ленти.

„Профилот на бул. Климент Охридски меѓу регулациони линии (јавниот простор: коловоз + вело + тротоар) изнесува 38 метри. На Христијан Тодоровски Карпош и АСНОМ изнесува 40 метри. На Партизанска 50 метри, а на Јане Сандански 60 метри.

Сите овие се со по 6 ленти на коловоз. Чувството е различно на сите зашто во различна широчина на уличен профил се ставаат ист број ленти за коли. Секогаш страда непропорционално зеленилото, пешачките патеки, велосипедските. А Цветан Димов во спорниот сегмент е широк само 29 метри“, предупредуваат од „На Точак“.

Активистите додаваат дека идниот булевар Цветан Димов ќе има профил за 9 метри помалку од постојниот булевар Климент Охридски, при што ќе има 6 коловозни ленти. Притоа, коловозот на улицата Цветан Димов ќе биде околу 70 отсто од целокупниот профил на оваа сообраќајница.

„Со 6 коловозни ленти ќе бидат атмосферата и пропорциите дури и многу полоши од тие на Климент Охридски! И нема да има простор за зеленило во функција на пешачките и велосипедски патеки кои ќе бидат со минимални димензии, несоодветни за булевар“, велат од „На Точак“, додавајќи дека улицата Цветан Димов би постанала во иднина веројатно најавтодоминираната улица во градот.

Инаку, скопскиот градоначалник Петре Шилегов рече дека изведбата на проектот е проценето дека ќе чини до 6,5 милиони евра, која вклучува експропријација на земјиште и отстранување на објекти кои се наоѓаат на самата траса. Шилегов рече дека ова ќе биде трајно решение за овој дел од градот, тврдејќи дека бенефитот е поголем од зијанот.