Извор: Фондација отворено општество Македонија

Со акцијата „За прв пат во светот, автобус дух!“, група активисти во Тетово поставија автобуси духови пред автобуските станици за чекање, коишто неодамна беа поставени во градот од Општина Тетово.

„Поаѓајќи од досегашното искуство, се поставува прашањето дали автобуските станици ќе ги дочекат автобусите. Токму затоа, група активисти од Тетово, поставија автобуси духови пред станиците за чекање, кои ќе им послужат на граѓаните на Општина Тетово сè до конечното решавање на овој процес“, велат тетовските активисти.

Оваа акција е изработена без никаков директен контакт на членовите на групата, односно е работена етапнo и секвенцијално од страна на различни автори, а е финансиски поддржана од Фондација Отворено општество – Македонија.

Општинските власти поставија автобуски станици на неколку локации во Тетово, почнувајќи од влезот на градот, центарот (основниот суд) до универзитетската улица. За да профункционира автобускиот превоз, основано е и јавно претпријатие за вршење на јавен превоз, а дури на крај во градот ќе треба да пристигнат новите автобуси, за што општинските власти по втор пат годинава распишаа тендер за набавка на автобуси. Општинарите треба допрва да ја изберат компанијата од која ќе ги набават автобусите, по што ќе треба време за да се достават овие превозни средства.