Активисти за животната средина од светот во борба против „јаглеродни бомби“

Фото: Ella Ivanescu / Unsplash

Коалиција на адвокати, истражувачки новинари и учесници во кампањи формираа група да ги оспорат проектите за фосилни горива познати под името „јаглеродни бомби“ што беа откриени во истрага во која се идентификуваа 195 вакви проекти, пишува весникот Гардијан.

По неодамнешниот состанок во мај, повеќе од 70 невладини организации и активистички групи од светот оформија мрежа за „дефузија на јаглеродни бомби“ со цел да разменат експертиза и ресурси во борбата за запирање на проектите и спречување на катастрофалниот климатски ефект што би го предизвикале фосилните проекти.

Се работи за гигантски проекти за нафта и гас и секој од нив ќе резултира со најмалку милијарда тони емисии на јаглерод диоксид во нивниот животен век што е еднакво на 18 години од сегашните глобални емисии на јаглероден диоксид.

Во моментов САД се водечки извор на емисии од овие мега проекти, со вкупно 22 јаглеродни бомби што ги опфаќаат длабоките води на мексиканскиот залив од подножјето на Фронт Ранг во Колорадо до пермскиот басен. Овие бомби заедно имаат потенцијал да емитираат дури 140 милијарда тони јаглерод диоксид, што е четири пати повеќе од тоа што земјите од целиот свет заедно го емитуваат на годишно ниво.

Саудиска Арабија доаѓа на второ место по загадување со 107 милијарда тони, а потоа се Русија, Катар, Ирак, Канада, Кина и Бразил.

„Потребни се само неколку посветени луѓе, адвокати, учесници во кампањи и активисти за да се деактивира јаглеродната бомба. Нам ни е потребен тим за секој од овие проекти“, вели во изјава за Гардијан, водачот на истражувањето, Кјел Куне од Универзитетот во Лидс.