Актерот Вилијам Болдвин на Косово го снима филмот „Јас и Милошевиќ“, ќе глуми и во филм што треба да го снима во Северна Македонија

Greg Hernandez, CC BY 2.0 , via Wikimedia Commons

„Јас и Милошевиќ“ е најновиот косовски кинематографски проект кој собра актерска екипа од познати холивудски, европски и косовски актери, објави Еуроњуз Албанија.

Меѓу нив се Вилијам Болдвин од САД, Жерар Депардје од Франција, Тони Робинсон од Велика Британија, Марија Грацијакуцинота од Италија.

Во режија и сценарио на Арбен Кастрати, овој филм се занимава со создавање на случаен херој. Во интервју за Еуроњуз Албанија, познатиот американски актер ги наведува причините поради кои се согласил да биде дел од овој проект.

„Сценариото е прекрасно, моќно, привлечно, неочекувано, смешно, има и одлична актерска екипа, исклучително талентирани луѓе и среќен сум што заедно го остваруваме сонот на Арбен. Тој работи на ова со години. Многу ми се допаѓа мојата улога. Тој игра спореден лик на протагонистите, но тоа не е важно. Тоа е фантастична група“, рече Болдвин.

Тој вели дека е запознаен со настаните на Косово и на Балканот, поради што му е драго што е дел од овој филм.

„Многу внимателно ја следев приказната за она што се случи во Босна и Косово и бев голем поддржувач на заедницата во САД која вршеше притисок врз администрацијата на Клинтон и ја притискаше да интервенира. Посакувам интервенцијата да се случеше многу побрзо“, вели тој.

Но, ова не е единствениот проект на Балканот и на Косово.

„Работам на ТВ серија во Србија наречена Јужен ветер и потоа повторно ќе се вратам овде за да работам на некои други проекти со Арбен. Имам и филм што треба да го снимам во Северна Македонија“, вели тој.

Тој има многу добри впечатоци од Косово.

„Знам дека војната не беше вчера. Потребно е долго време да се опорави. Горд сум на вашиот народ кој повторно се крена со свои сили и го живее животот со таква страст“, ​​рече актерот.

Доаѓањето на овие имиња влијае на подобрување на имиџот на Косово, смета човекот кој е одговорен за доаѓањето на актерот Болдвин и другите на Косово.

„Апсолутно, доведувањето на овие луѓе е многу голем трошок. Ги донесов за да прават културна дипломатија“, подвлече Арбен Кастрати, додавајќи дека воопшто не било лесно да се соберат овие имиња.

Кастрати посочува дека цената на овој кинопроект изнесува 3,8 милиони евра, но дека нема институционална поддршка. Овој проект има за цел да учествува на големи фестивали во Европа и светот. Филмот „Јас и Милошевиќ“ се очекува да се прикажува во кината во 2023 година.