Во врска со болеста птичји грип (авијарна инфлуенца), која неодамна беше потврдена кај две угинати диви птици во Скопје, во два изолирани случаи, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) апелира до граѓаните, за пронајдена угината дива птица од водните видови (патки, гуски и слично) да ја известат АХВ на бесплатната телефонска линија 0800 3 22 22 или на [email protected], апелираат оттаму.

„Ако станува збор за други видови угинати птици и за изолирани угинувања, тоа треба да го пријават на јавните комунални претпријатија за нештетно отстранување на лешевите. Болеста авијарна инфлуенца, иако станува збор за зооноза, во вакви случаи, не претставува сериозна закана за ширење на болеста, ниту кај птиците ниту кај луѓето. АХВ апелира на внимателност и преземање на заштитни мерки за категориите на лица кои се изложени на ризик, односно за лицата кои можат да имаат близок контакт со заразени птици. Дивите птици, најчесто преселните, се резервоар и најчести преносители на вирусот на болеста птичји грип“, наведено е во соопштението на АХВ.

Птичјиот грип е многу заразна вирусна болест која се јавува главно кај живината и дивите водни птици, но пренесувањето на луѓето останува реткост. Австриското Министерство за здравство вчера ја прогласи целата земја за ризична област за птичји грип (птичји грип) со нови, построги безбедносни мерки кои стапуваат на сила од утрово.

Ова следува по појавата на птичји грип во областа Амштетен пред една недела, што доведе до уништување на околу 18.000 животни. Австриската војска денеска започнува мисија за помош во Амштетен, за отстранување на мртвите животни и деконтаминирање на камионите и контејнерите.

По појавата на причји грип во Скопската Зоолошка градина на средината на октомври годинава, градината беше затворена 21 ден. Инспектори на АХВ усмртија 35 птици кои се движеле слободно низ зоолошката градина, поради ризикот од зараза.