Локалните избори ќе бидат распишани на 6 август ако нема промени во планот тие да се одржат на 15 октомври, вели претседателот на Собранието, Талат Џафери, во интервју за државната новинска агенција МИА.

– Ако вака останат работите, 6 август е краен рок да ги распишам локалните избори и со тоа да почнат да течат роковите и организацијата во однос на локалните избори, а потоа би работеле до почетокот на предизборната кампања до 25 септември. Во тој период би ги разгледале новите предлози на Владата што ги најавува, околу 30 закони, дел од предлог-законите што се процедура од пратениците, би ги завршиле преостанатите седници односно точки, главно извештаи на соодветни институции и тоа од прилика би била динамиката до локалните избори – рече Џафери.

Џафери е задоволен од тоа што досега е направено во Собранието и покрај последиците од настаните од 27 април и додава дека Собранието сега станало поотворено, потранспарентно. Тој оцени дека успева да ја менаџира ситуацијата во контекст на односот меѓу владејачкото мнозинство и опозицијата.

– Мислам дека е направен чекор и опозицијата да ја види својата улога и придонес и мислам дека сме на добар пат тоа и да се дообработи – рече Џафери, додавајќи дека не би можел целосно да каже дека имало обид за опструирање, бидејќи е во рамки на она што може да се смета за дозволено однесување на опозицијата во смисла на потребата за дебата.