Ако сакаме декарбонизација на земјата, амбициозните политики мора да се преточат во конкретни акции

Фото: ДИЖС

Да се фати чекор со европските држави во процесот на декарбонизација на земјата е предизвикот пред кој е исправена С. Македонија во планирањето на климатските акции до 2030 година. Политиките на власта, преку усвојувањето на зеленото сценарио од Стратегијата за енергетика, како и ревидираниот национален придонес кон Договорот од Париз и Третиот двогодишен извештај за климатски промени се амбициозни, но бараат и конкретни и прецизни активности и реализација.

Неодамна Mрежата за климатска акција CAN Европа, апелираше до земјите од Западен Балкан активно да работат на намалување на емисиите на стакленички гасови до 2030 година за да се овозможи декарбонизација на регионот до 2050 година. CAN Европа објави и сет на препораки за земјите од регионот во процесот на поставување на целите за 2030 година во рамки на Енергетската Заедница. Активностите се случуваат непосредно пред очекуваната анализа на Европската комисија, која се очекува да биде објавена есенва, за целите на регионот во следните девет години на ова поле. За анализата ќе се дискутира на Министерскиот совет на Енергетската Заедница во ноември.

Од Министерството за животна средина велат дека потенцијалот на земјава за намалување на емисиите на стакленичките гасови во 2030 година во однос на 1990 година изнесува 51 отсто, или изразено преку нето емисии-82 отсто. Распределени по сектори, намалувањето на емисиите е предвидено за секторот енергија, од 66 отсто, главно преку деактивирање на електраните со јаглен Осломеј во 2021 година и Битола до 2027 година, потоа земјоделството од 29 отсто и отпадот од 21 отсто, додека во индустријата се предвидува зголемување до 45 отсто.

„Владата во април го усвои ревидираниот национален придонес кон Договорот од Париз и Третиот двогодишен извештај за климатски промени. Ревидираниот NDC се базира на Зеленото сценарио од Националната стратегија за развој на енергијата до 2040 година и ги опфаќа и не-енергетските сектори отпад, индустрија, земјоделие, шумарство и промена на користење на земјиштето и е целосно усогласено со нацрт Националниот план за енергија и клима. Ревидираниот национален поднесок е поврзан со изработката на  интегрираниот План за енергија и клима, Долгорочната стратегија и Законот за климатска акција кои се во финална фаза на изработка, како и Програмата за реализација на стратегијата за енергетика, што не’ прави единствени во обезбедувањето на  комплементарност на анализите и предложените политики и мерки во сите документи од сферата на енергијата и климата, така постигнувајќи усогласеност со пакетот за енергија и клима на ЕУ до 2030 со перспектива до 2050 година“, велат од министерството.

Инвестициите, посочуваат од таму, потребни за реализација на сценариото за декарбонизација се проценуваат на 8,8 отсто од вкупниот просечен годишен БДП. Покрај домашните инвестиции, земјата ќе смета и на меѓународна поддршка и трансфер на технологија и градење на капацитети, што ќе придонесе кон прилагодување на развојниот пат на земјата кон економија со ниско ниво на јаглерод, прогресивно раздвојувајќи ги економскиот раст од емисиите на јаглерод (decoupling) и обезбедување пристојно ниво на реален БДП по глава на жител.

Анализата на Mрежата за климатска акција CAN Европа, пак покажува дека земјите од Западен Балкан заостануваат во борбата против климатските промени и намалувањето на емисиите на стакленички гасови. Емисиите од енергетскиот сектор во регионот во просек изнесуваат 74 отсто од сите емисии на стакленички гасови. Главниот емитер се термоцентралите на јаглен, односно шеснаеесете постројки за јаглен во Западен Балкан загадуваат колку сите 250 постројки во ЕУ.

На анализата работеа и експерти од земјава, од невладината организација „Еко свест“. Тие констатираат дека тековните емисии на стакленички гасови во земјава се речиси за 20 отсто пониски од нивоата во 1990 година. Емисиите во енергетскиот сектор се намалиле за околу 5 отсто и тие сочинуваат повеќе од 73 отсто од сите емисии на стакленички гасови и токму ова укажува дека можеме да бидеме уште поамбициозни. Анализата за секоја земја разгледува две сценарија, помалку и повеќе амбициозно сценарио. Во Македонија намалувањето на емисиите, според едно од предложените сценарија, е од 30 отсто во 2030 година, во споредба со нивото од 2018 година, односно од 43,11 отсто намалување во споредба со 1990 година. Пресметано во заштеда на емисии на јаглероден диоксид првото сценарио превидува 7,10 MtCO2eq, додека второто 8,45 MtCO2eq.

Доколку се анализираат изворите на стакленички гасови во 1990 и во 2016 година може да забележиме опаѓање на емисиите во секторот енергетика од 77,3 на 73,7 отсто, исто и кај земјоделството од 11,9 на 11,8 отсто. Сепак, во секторите отпад и индустрија емисиите на стакленички гасови се зголемиле. Пресметано во количини на јаглероден диоксид, намалувањето е од 12,4 на 10,1 MtCO2eq или околу 19 проценти. Во извештајот се поздравува одлуката на Македонија, заедно со Косово и Црна Гора, за откажување на плановите за изградба на нови капацитети на јаглен.

„Според светските здравствени организации, проблем број еден претставува согорувањето на фосилните горива. Тие го прават воздухот загаден, а се едни од најголемите причиннители на климатските промени и ние мораме да престанеме да користиме фосилни горива во енергетскиот сектор. Нашата држава енергијата ја добива преку термоцентрали кои работат во услови кои го наштетуваат здравјето на населението. С. Македонија ја започнува транзицијата кон почиста енергија, но потребни се економски политики кои ќе го пренасочат претприемаштвото кон зелена економија  и праведно пренасочување и преобучување на вработените во термоцентралите, како никој не би останал без работно место“, велат од „Еко свест’.