Архивска фотографија | Мета.мк

Вкупно 24 патници кои беа тестирани и позитивни на аеродромот Турку во Финска, се патници или иселеници кои таму работат, а дошле во Македонија, информира Министерството за здравство (МЗ). Станува збор за патници со чија дозвола за престој или државјанство од ЕУ, не важат рестрикциите при влез и излез од земјата.

Нашите здравствени власти проверуваа дали се тоа поединечни случаи или се работи за семејства. Веќе се извршени проверки за сите патници од авионот за Финска и утврдено е дека ниту еден од нив не е регистриран во базата на позитивни случаи со ковид-19 во нашата земја. Тоа значи дека ниеден од нив нема решение за изолација од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ).

По случајот, финските власти соопштија дека ако некој одбие да биде во карантин, ќе биде казнет со затворска казна до три месеци или пак, со парична казна.

„Министерството, по проверка на информациите со службите од скопскиот аеродром и граничната полиција, информира дека станува збор за патници, иселеници, коишто доаѓаат во Македонија, или транзирираат преку Македонија од различни причини, а потоа се враќаат на работа во Западна Европа, за коишто со дозвола за престој или државјанство од ЕУ не важат рестрикциите при влез и излез од земјата. Според добиените податоци во посочениот лет најголем дел од патниците патувале со косовски пасош (95 лица), фински пасош (60 лица), а останатите се со македонски (2), албански, бугарски, естонски и шведски пасоши“, соопштуваат оттаму.

МЗ повторно апелира задолжително да се почитуваат сите мерки за лична заштита при секое патување и секаде каде што е пропишано, почеста дезинфекција на раце и одржување дистанца.

Вчеравечер „Ројтерс“ објави дека Финска ќе воведе задолжително тестирање и карантин за патниците кои влегуваат во земјата од високоризични држави, откако 24 од 157 патници од Македонија кои слетале во Финска, биле позитивни на вирусот.

Патниците биле тестирани на аеродромот Турку во Финска во саботата за сите патници кои пристигнале со летот од Скопје, откако властите заклучиле дека летовите од Македонија и Букурешт се два главни извори на неодамнешни нови инфекции со коронавирус во Финска.

Задолжителниот двонеделен карантин и можниот случаен тест за ковид-19 по пристигнувањето во Финска ќе се применат за секој што ќе пристигне од земја со повеќе од осум до 10 нови случаи на ковид-19 на 100.000 жители во последниот 14-дневен период, соопштија властите во Финска.

Во моментов ова правило важи за повеќето земји, со исклучок на 25 земји како што се Италија, Јапонија, Грција и Норвешка каде бројот на новозаразени е нисок.

Минатата недела инфекциите во Финска изнесуваа 2,3 на 100.000 жители во текот на една недела. Во земјата има вкупно 7.601 случај и 333 потврдени смртни случаи.