fbpx

Ако не се задушиме до четврток, пет дена ќе мислат како да нè спасат

-

Градот Скопје најдоцна до четврток, кога навршуваат пет дена откако загадувањето го надмина максимално дозволеното ниво, мора да испрати мерки со препораки до Министерството за животна средина за заштита на граѓаните од енормно загадениот воздух, информираат за новинската агенција „Мета“ од Град Скопје. Од Министерството, пак, велат дека тоа не е точно и дека целата надлежост за мерките за загадениот воздух е во рацете на локалната самоуправа.

Од Градот Скопје велат дека по пет дена континуирано надминување на нивото на дозволено загадување на воздухот, тие имаат обврска да испратат препораки до Владата, која понатаму ја презема обврската за заштита на граѓаните од загадувањето. Потоа, доколку состојбата со загаденоста на воздухот не се промени, Министерството за животна средина и Владата, во рок од 10 дена, мора да подготват препораки за заштита на граѓаните.

Според Сашо Секуловски од Министерството за животна средина, тие ги завршиле сите мерки кои биле во нивна надлежност.

– Ги затворивме големите фабрики кои загадуваа. Сите други мерки кои треба да се преземат се во рацете на локалната самоуправа. Нивните инспектори треба да вршат проверка какви дрва за огрев користат граѓаните, а надлежност на Министерството за економија е да врши контрола на старите автомобили. Ние нашата работа си ја завршивме – изјави Секуловски за „Мета“.

Во Скопје и во Тетово утринава загаденоста на воздухот е енормна, а според индексот на загадување, нивото на суспендирани честички PM 10 е високо и во неколку скопски населби.

Според податоците објавени на веб-страницата на Министерството за животна средина и просторно планирање, загаденоста е голема во скопските населби Центар, Карпош, Лисиче и Гази Баба, како и во Тетово.
Во текот на вчерашниот ден, во сите овие места било зголемено нивото на овие честитки во просек за четири пати.

Градот Скопје во октомври донесе краткорочни и долгорочни мерки и активности кои ќе ги преземе за справување со постојаното енормно загадување на амбиентниот воздух во Скопје, со посебен акцент на зимскиот период кога загадувањето е најкритично.

„Доколку дојде до состојба каде повеќе од 10 дена има загадување на воздухот, ќе се аплицира калциум – магнезиум – ацетат на сообраќајниците во градот, заради контрола и намалување на ситната прашина (ПМ10 и ПМ2,5 честичките) и за стабилизација на патиштата“, информираа тогаш од Град Скопје.

Минатата година, пак, на 21 декември, кога загадувањето во Скопје и во Тетово беше на многу високо ниво, Владата усвои и мерки за заштита од загадениот воздух со кои од работни обврски се ослободуваат не само бремените жени и лицата постари од 60 години, туку и лицата заболени од астма со препорака од матичен лекар.

Владата излезе и со препораки да се избегнува организирање спортски натпревари и други културни манифестации на отворено.

В.Ѓ.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...