fbpx

Ако Иванов утре си поднесе оставка, и претседател ќе се избира на 5 јуни!

-

Речиси две недели граѓаните организирано здружени во „Протестирам“ го искажуваат својот револт по улиците на Скопје и низ поголемите градови на Македонија, против одлуката на претседателот на државата, Ѓорге Иванов, да аболира политичари. Помеѓу барањата за повлекување на општата аболиција, создавање техничка влада за спроведување избори, отповикување на одлуката за избори на 5 јуни, граѓаните бараат и оставка на претседателот на државата.

Но, што би се случило ако под притисок на јавноста, Иванов, сепак, поднесе оставка? Какви се уставните и законските рокови?

Пред неколку дена тоа го загатна и професорката Билјана Ванковска.

Таа напиша дека во согласност со Уставот, доколку претседателот даде оставка (и ако тоа „случајно“ го стори на 26 април!), претседателски избори ќе мора да се организираат во рок од 40 дена (токму на 5 јуни), и тоа со истата ДИК, истиот избирачки список, со скратени рокови.

Изборот, како и оставка и престанок на функцијата претседател, се регулира преку највисокиот законодавен акт – Уставот и Законот за избор на претседател на државата.

Според член 81 од Уставот на Република Македонија, изборот за претседател на Републиката се врши во последните 60 дена од мандатот на претходниот претседател.

Во случај на престанок на мандатот на претседателот на Републиката од кои и да е причини, изборот за нов претседател се врши во рок од 40 дена од денот на престанокот на мандатот.

Тоа значи дека за да се гласа и за претседател на државата на 5 јуни, заедно со избор на пратеници, Иванов би требало најдоцна утре (25 април) да поднесе оставка, а на 26 април Уставниот суд да го констатира престанокот на функцијата, затоа што така е предвидено со член 82 од Уставот.

Имено, според овој член, во случај на смрт, оставка, трајна спреченост да ја врши функцијата или престанок на мандатот, Уставниот суд на Република Македонија по службена должност мора да ја констатира новонастанатата состојба.

До изборот на нов претседател на Републиката, функцијата претседател ја врши претседателот на Собранието.

Законот за избор на претседател во членот 10-а предвидува дека откако Уставниот суд на Република Македонија ќе донесе акт, со кој го утврдува настанувањето на условите за престанок на функцијата претседател на Република Македонија, во рок од 24 часа документот го доставува до претседателот на Собранието на Република Македонија и го објавува во „Службен весник на Република Македонија“.

Претседателот на Собранието на Република Македонија, во рок од 48 часа од објавувањето на актот распишува избори за претседател на Република Македонија.

Тоа значи дека ако во вторник се исполнат сите услови за престанок на мандатот на претседателот (Уставниот суд да ја констатира оставката и да се објави одлуката во Службен весник) претседателот на Собранието, кој во истиот момент ќе биде и претседател на државата, може да распише и претседателски избори.

Тие, според роковите од Уставот, би се одржале на 5 јуни.

Ова е преглед на роковите кои би течеле при евентуална оставка поднесена под притисок на граѓаните или поради некои други причини.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

СЕММ ги награди најдобрите стории на тема „Факти и дезинформации за човековата околина“

Видео-сторијата за илегалната сеча на шумите на Јабланица, долж границата со Албанија е првонаградениот новинарски труд на повикот на Советот за етика во медиумите на Македонија на тема „Факти...