Ако Иванов не го потпише за седум дена, законот за јазиците ќе почека уште еден месец

-

По денешното усвојување во Собранието, Законот за употреба на јазиците во следните седум дена е во рацете на претседателот на државата Ѓорге Иванов кој треба да го потпише указот за негово прогласување за да може законот да биде објавен во Службен весник и официјално да стапи на сила.

Надлежностите на претседателот на државата и роковите за попишување на указите за прогласување на законите се регулирани во Уставот, Деловникот на Собранието и во Законот за Собрание.

Според Законот за Собранието, претседателот на законодавниот дом, во случајов Талат Џафери уште денеска треба да го достави законот кај Иванов заради потпишување на указот.

Иванов, според истиот закон, има рок од седум дена да го потпише указот за негово прогласување.

Претседателот на државата има право да не го потпише законот, освен во случај кога е донесен со двотретинско мнозинство, за што треба писмено да го извести собранискиот спикер.

Во таков случај Собранието повторно го разгледува законот и доколку го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, претседателот на Републиката е должен да го потпише указот, стои во членот 75 од Уставот.

Постапката за повторно разгледување на законот е пропишана во Деловникот и во Законот за Собрание.

„Ако претседателот на Републиката одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот, Собранието повторно го разгледува законот согласно со Деловникот, во рок од 30 дена од денот на донесувањето на законот. По повторното разгледување на законот, амандмани можат да се поднесуваат само во врска со укажувањето на претседателот на Републиката“, стои во ставовите 3 и 4 од членот 38 од Законот за Собрание, како и во членот 173 од Деловникот на Собранието.

Атила Бижен Жалили е нов сопственик на 85 отсто од акциите на ФК Вардар

Фудбалскиот клуб Вардар на својата страница на Фејсбук денеска објави дека нов сопственик на клубот со 85 отсто од акциите на клубот, е Атила Бижен Жалили. Тие го пренесуваат...