Ако имате раскасапен учебник, купете си нов во книжарница


       
Скопје, 21 септември, 2018 - 9:30 (META) 

Родителите на децата кои добиле искинати, мрсни и оштетени учебници, можат доброволно да си купат нови по книжарниците бидејќи нив ги има и во слободна продажба. Во Министерството за образование и наука информираат дека учебниците се јавно достапни.

„Согласно член 6 став 2 од Законот за учебници за основно и средно образование, издавачот во чија сопственост се одобрените учебници има право истите да ги пушти во слободна продажба и тоа со истата цена по која Министерството ги откупува. Исто така дел од учебниците може да се преземат и од веб-страницата www.e-ucebnici.mon.gov.mk“, велат оттаму.

Во МОН уверуваат дека динамиката на испорака на нарачани учебници по училиштата низ Македонија е при крај.

„Секоја учебна година, училиштата пополнуваат формулари во кои ја наведуваат потребната бројка за недостаток на учебници, согласно тоа се врши и дистрибуција на истите. Согласно динамиката за дистрибуција може да се каже дека истата е при крај. Од ова учебна година, сите ученици од прво, второ и трето одделение ќе имаат нови комплети учебници, секоја учебна година“, информираат оттаму.

Досега, секоја година во полн тираж се печатеа само оние што се третираат како работни учебници, односно оние учебници во кои има содржини кои ученикот ги потполнува, со пишување, боење, лепење и сечење.

„Учебници што се употребуваат во погорните одделенија се во употреба пет учебни години. Ученикот има обврска да ги чува учебниците, а во сите случаи кога училиштето пројавило интерес и доставило бројка на оштетени учебници, МОН истите ќе ги дистрибуира“, додаваат оттаму.

Инаку до лани, учебник не можеше да се купи во слободна продажба. Авторските права ги има министерството, а законски се овозможи нив да ги има во книжарници од оваа учебна година.